Фото: Фејсбук/Охрид СОС

Невладината Охрид СОС реагира на ново уништување на брегот на Охридското Езеро во близина на Струга. Според објaвата на социјалните мрежи, тие тврдат дека на државно земјиште се уништува и тампонира појасот трска од крајбрежјето.

– Додека тимот од македонски и меѓународни експерти работи на Физибилити студијата за урбанистички план за подрачја и објекти од државно значење во заштитената крајбрежна зона на Охридскиот регион, некој е оставен да го уништува и узурпира крајбрежјето во Струга. Фотографиите се направени деновиве, а ја прикажуваат девастацијата на државно земјиште кое според Агенцијата за катастар е дел од КО Охридско Езеро. Веќе извесен период се уништува и тампонира појасот трска и друга флора на овој сегмент од крајбрежјето, присутна е механизација – според очевидците, велат од Охрид СОС.

Посочуваат дека доставиле претставка до Државен инспекторат за животна средина и до соодветните општински инспекциски служби, веднаш да постапат и да се спречи понатамошното уништување на крајбрежјето, а против сторителите да има санкции.