Амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Михалис Рокас, изрази надеж дека политичките партии денеска ќе постигнат консензус за измените на Изборниот законик, кои се дел од обврските од Реформската агенда.
Говорејќи по промоцијата на возила за Државниот транспортен инспекторат, набавени со донација од Европската Унија, Рокас нагласи дека усвојувањето на измените е важно бидејќи од нив зависи исплатата на 4,2 милиони евра европски средства.
– Се надевам дека, бидејќи денеска е последниот ден за постигнување договор, политичките партии ќе најдат компромис. Станува збор за 4,2 милиони евра што би биле искористени во корист на граѓаните – изјави Рокас.
Осврнувајќи се на напредокот на другите земји-кандидатки, тој оцени дека процесот на проширување на Европската Унија добива силен интензитет.
– Проширувањето е инвестиција во безбедноста, стабилноста, просперитетот и конкурентноста на Европската Унија. Денеска гледаме дека процесот се движи многу брзо за четири земји-кандидатки и искрено се надевам дека Северна Македонија наскоро ќе го следи тој пат и ќе ги започне пристапните преговори – рече евроамбасадорот.
Рокас додаде дека зад сцената се водат интензивни разговори за надминување на пречките во евроинтегративниот процес.
– Се работи многу и надвор од очите на јавноста. Се надевам дека наскоро ќе се најде решение што ќе го отвори патот за почеток на пристапните преговори со Европската Унија – порача Рокас.
































