Илустрација / Фото: Нова Македонија

Раководство на ЈЗУ Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедија, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) ги проверува листите за хируршки интервенции за пациентите кои подолг период чекаат за да ја добијат оваа здравствена услуга.

– Раководство на ЈЗУ Универзитетска клиника за ТОАРИЛУЦ, предводено од проф.д-р Марија Јовановски-Срцева даде налог за проверка на сите листи за хируршки интервенции во рамки на оваа установа. По увид и анализа во листите за хируршки интервенции, од страна на тимот од Клиниката преку соодветен план и динамика ќе бидат контактирани пациентите, со посебен акцент на оние кои подолг период, односно повеќе од една или две години чекаат за да ја добијат оваа здравствена услуга – информираат попладнево од ТОАРИЛУЦ.

Според Јовановски-Срцева, овој проблем изминатиот период бил мапиран како еден од најгорливите проблеми со што се соочуваат пациентите и за таа цел, тим од Клиниката ќе ги контактира пациентите кои подолг временски период, односно повеќе од една или две години чекаат за хируршка интервенција.

– Ќе биде изготвен план и динамика во рамки на ресусите со што располага Клиниката за обезбедување на оваа здравствена услуга кај пациентите кои подолг период биле оневозможени да ја добијат оваа здравствена услуга – најавува таа.