Фото: Влада

Министерката за одбрана Славјанка Петровска очекува на утрешната седница на Влада, повторно да биде разгледана одлуката за спојување на концесиите за Иловица – Штука.

Таа во денешното гостување на ТВ21 во врска со ова прашање кажа дека не гледа ништо спорно ако се констатира дека за некоја одлука што Владата, како колективен огран, ја донела треба да има ревизија.

-Тоа не е слабост на министрите, напротив тоа е нивно покажување на достоинство дека знаат да се коригираат. Очекувам на утрешната седница на Влада, како што беше дискутирано, повторно да биде отворена оваа точка – додава Петровска.

На прашањето дали смета дека се изиграни од министерот за економија Крешник Бектеши, Петровска посочува дека е тоа тежок збор, и дека најважна е нивната доблесност околу тоа да се побара ревизија на одлуката.

-Она што е многу важно е мојата реакција, и реакцијата на колегите кои бевме, а тоа е колегата Спасовски и колешката Шукова, се разбира и присуството на двете министерки на протестот всушност покажува дека ние навистина ја слушаме реакцијата на јавноста – вели министерката за одбрана Петровска.

На протестот во саботата, на активисти и граѓани во Струмица против одлуките на судовите и Владата за спојување на концесиите за експлоатација на минерални суровини на локалитетите во општините Босилово и Ново Село за отворање рудник, на кој присуствуваа и министри во Владата беа истакнати барања за раскинување на концесиите, како и утврдување одговорност за сите кои придонеле за можностa да се отвора рудник во Струмичко. Од „Еуромакс ресоурцес“ во реакција оценија дека само со конструктивен дијалог и стручно презентирање на фактите сите загрижености ќе бидат соодветно адресирани.