Со полагање цвеќиња на спомен бистата и пригодна програма, денеска во ОУ „Гоце Делчев“ во Прилеп беа одбележани 150 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Во присуство на градоначалникот Борче Јовчески и претседателот на Советот Дејан Проданоски, директорката на ОУ „Гоце Делчев“, Снежана Котева, посочи дека училиштето сигурно чекори во процесите на унапредување на квалитетот на наставата и учењето.

За животот и делото на великанот македонски, потсети наставничката Величе Лесноска, а учениците се претставија со куса музичка точка и со песна посветена на Делчев.

Гоце Делчев е еден од најголемите македонски национални херои, учесник во македонското револуционерно движење, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, кој беше убиен во мај 1903 година.

– Македонија има свои интереси и своја политика. Тие им припаѓаат на сите
Македонци. Оној што сака да работи на присоединувањето на Македонија кон Бугарија,
Грција или Србија, тој може да се смета за добар Бугарин, Грк или Србин, но не и за добар Македонец….. Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија – гласи една од мислите на Гоце Делчев, која е доста актуелна во денешно време.

Утре, по повод 150 години од раѓањето на Гоце Делчев во Прилеп ќе се одржи семакедонски собир на тема „Обврските и грижата за остварувањето на националните
права на деловите каде живее Македонскиот народ во соседните држави. Чии се?“ при
што потоа ќе се потпише заедничка декларација, а организатор е Граѓанската иницијатива за национална, културна и европска интеграција на македонскиот народ. Ка.М.