Деновиве кога надворешните температури се спуштаат под нулата, засега непознати вандали, за да ги стоплат домовите посегнаа да ги сечат и дрвјата засадени на тротоарите од кичевските улици. Неколку стебла веќе се пресечени, а на дел се забележуваат видливите траги од нож или од секира при обидите за сечење.
– Викендов сме сведоци на крајно неодговорно однесување на наши сограѓани, кои посегнаа да ги сечат и дрвјата засадени на тротоарите од кичевските улици. За жал некои стебла се целосно пресечени додека на други стебла видливи се траги, каде непознати лица имале неуспешен обид да ги пресечат, но дали ќе се обидат повторно или со ова ќе заврши оваа вандалска операција, засега немаме одговор – истакна Зенел Јунузи од кичевското комуналното претпријатие.
Тој упати апел до неоговорните сограѓани.
– Единствено ни преостанува да апелираме и да ги замолиме овие сограѓани кои на крајно нецивилизиран начин се обидуваат да дојдат до мала количина огревно дрво, истото повеќе да не го чинат, бидејќи овие стебла се засадени и за нивно добро, за градот да има почист воздух во текот на зимата и повеќе сенки во летните месеци – додаде првиот човек на ова претпријатие. З.А.