Со настап на група млади и талентирани музичари од Кичево, дегустација на храна понудена на базарските тезги и возејќи се на малото и големо вовче, заврши третиот Божиќен базар во Кичево, кој забележа рекордна посета.
Во седумте дена на градскиот плоштад во Кичево беа присутни повеќе од шест илјади граѓани. Сите се согласни дека базарот бил повеќе од успешен и дека го живнал градот а жителите на Кичево цела седмица имаа можност да бидат гости и да уживаат во понудата на домаќините на базарот.
-Третиот Божиќен базар што изминативе седум дена се одржуваше во нашиот град во целост ги оправда очекувањата, а како најдобра потврда за тоа е големата посета и новини кои беа реализирани на овогодинешниот базар. И покрај студеното, но без врнежи време, базарот беше исклучително добро посетен од страна на нашите сограѓани кои се желни за забави во овој период од годината. Најзадоволни од сите беа најмладите кои имаа можност да уживаат во возењето со малото и големото вовче, да дегустираат храна и наздравуваат со секаков вид пијалоци кои беа понудени на базарот. Се надеваме дека до година базарот ќе биде уште побогат и секако подобро посетен од изминатите три со што Кичево би се вброило во градовите во кои не недостига културно-забавен живот и во зимските месеци од годината – истакнаа од Здружението организатор на овој базар.
Инаку на градскиот плоштад во Кичево дополнителни содржини беа и хуманитарниот концерт кој се одржа во вторникот и концертот на хорот „Митрополит Козма Пречистански“ кој со својата перфектна изведба измами многу аплаузи од присутните во центарот на градот.
З.А