Маршот за Рацин, кој традиционално се реализира на планината Лопушник во последниот викенд пред 13-ти јуни, денот на погибијата на големиот поет, и годинава се реализира со учество на околу 70 планинари и искачувачи, кои од село Извор, Кичевско, до споменикот на врвот Стог на планината Лопушник изминаа повеќе од 12 километри за да се поклонат пред неговиот паметник.
Како и секоја година и годинава организатор на овој марш беше Здружението „Грин Пауер“ од родниот град на Рацин, Велес, а коорганизатори на овој марш беа и членовите на планинарските друштва ПЕД „Ендорфин“ и ПЕД „Бистра“ од Кичево, на чија територија се наоѓа планината Лопушник.
– Она што го планинарвме за овој викенд во целост го реализиравме, го спроведовме традиционалниот планинарски марш на планината Лопушник во чест на Рацин. На денешното дружење на планината Лопушник имавме околу 70 планинари од Велес, Кичево, гости од ПК „Кораб“ од Скопје, ПСК „Бигла“ од Демир Хисар, а не изостанаа и планинари од Битола, Кавадарци, Прилеп и други градови во земјава.
Откако по четири часа пешачење пристинавме на врвот Стог, кантавторот од Битола, Славче Спировски-Слав изведуваше композиции реализирани на текстови на Кочо Рацин, додека актерката Димитрина Мицеска изведе два перформанси поврзани со големиот Рацин под наслов „Елегии за тебе“ – истакна донеодамнешниот претседател на здружението „Грин Пауер“ од Велес, Игор Смилев.
По искачувањето на врвот Стог и посетата на месноста Јама каде што загинал Коста Рацин, за сите присуни на овој марш под врвот Стог беше послужено планинарско гравче ,по што планинарите се вратија до село Извор каде си ветија планинарски марш и следната година со уште поголем број учесници од годинава.
З.А.