Фото: З.А.

По две одлагања, последниот кичевски казанџија Коста Галиманоски до средината на октомври ќе ја реализира својата прва изложба на повеќе видови реквизити изработени од бакар. Тој деновиве со полн интензитет ги подготвува изработките кои ќе бидат претставени на изложбата која најпрво ќе биде отворена во Центарот за култура „Кочо Рацин“ – Кичево.

– Можам да соопштам дека до средината на октомври, по две одлагања, конечно ќе ја реализирам изложбата на реквизити изработени од бакар, а ќе се состои од штитови кои ги користеле војниците во средниот век и антиката, мечеви од истото тоа време, амблеми, реквизити на стари антички пари, а ќе бидат претставени и моите малолитражни казани кои служат за домашна употреба и од кои може да се добие првокласен алкохолен пијалок. До почетокот на изложбата има доволно време да го комплетирам планираниот број на штитеви и мечеви како и амблеми и стари пари и според сите карактеристики и содржина, оваа изложба ќе биде единствена и прва од ваков вид во земјава – најави мајстор Коста Галиманоски.

Фото: З.А.

Тој нагласи дека оваа изложба, покрај во неговиот роден град, ќе биде претставена и во традиционалните културни центри во земјава, Битола, Прилеп, Охрид, Скопје и Велес.

Претходните две одлагања беа од причина што најпрво короната зеде голем замав, како и поради недоволниот број реквизити за да се биде комплетирана бројноста на реквизити за изложбата. З.А.