Фото: Приватна архива

Се наѕира ли крајот на пандемијата со коронавирусот? Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге изјави дека доколку не се појави нова варијанта на коронавирусот, пандемијата би можела наскоро да заврши. Директорот на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус, пак, претходно изјави дека светот никогаш не бил во подобра ситуација да стави крај на пандемијата на ковид-19. Што да се очекува од вирусот разговаравме со наши експерти.

Д-р Ана Момировска, специјалист по медицинска биохемија, магистер по педијатрија и молекуларна биологија, вели дека се смета оти комбинаториката на вирусот за нови мутации е доста исцрпена.

– Се мисли пред сѐ на тоа дека веќе не се јавуваат нови мутации. Вирусот ќе циркулира можеби и понатаму, но сега има вакцини за тешки форми. За омикрон и полесните соеви се знае како се лекуваат, има и антивирусни лекови. Се смета дека ситуацијата е под контрола и дека комбинаториката на вирусот за нови мутации е доста исцрпена – смета д-р Момировска.

Епидемиологот д-р Сашо Олумчев вели дека со почетокот на учебната година бројките се зголемуваат, а со тоа се зголемуваат и шансита за нови мутации.

– Со почетокот на школската година бројките на новозаразени брзо растат. Со растењето на бројките на заразени има шанси да се јави некој нов, паралелен сој. Затоа треба да бидеме на едно ниво на внимателност, да следиме што ни се случува. Иако ситуацијата е мирна, бројките се високи. Оние со комобирдитети пак можат да бидат лесна цел на вирусот – вели д-р Олумчев.

Тој смета дека иако изгледа дека се ближи крајот, ситуацијата не е за опуштање и дека внимателно треба да се следат промените.

– На запад веќе покажуваат мали аларми дека секаде се зголемуваат бројките. А тоа значи дека сѐ е неизвесно, може само да следиме и ќе видиме понатаму.
Крајот на пандемијата е под знак прашалник. Почнува сезоната на респираторни заболувања, меѓу кои е и грипот. Не знаеме што ќе се случува кога ќе почнат да се мешаат. Засега, добрата страна е што иако има голем број заболени, симптомите се поблаги. Меѓутоа, препорачувам да се почитуваат колку-толку препораките. Гледам дека никој веќе не ги почитува мерките, затоа и така расте бројот. Барем да се прави најнепоходното, да се носат маски во јавниот превоз, посебно повозрасните и оние со хронични заболувања – вели д-р Олумчев.

Епидемиолозите објаснуваат дека и да се прогласи официјалниот крај на пандемијата тоа не значи дека вирусот ќе го снема.