фото: Зоран Антоски

Петнаесетатата по ред „Костенијада“ ќе се одржува следниве два дена, а почетокот на програмата е вечерва во доцните попладневни часови со учество на локални бендови и тоа Кико и Борјан, Даниел Крстески и „Инструментал бенд“.

За утре е планирана пообемна програма со настап на повеќе културно- уметнички друштва, дефиле на учесниците и отворање на изложбата „Златен костен“.

фото: Зоран Антоски

– Јубилејната 15 -та по ред „Костенијада“ годинава ќе биде организирана два дена. Започнува вечерва со настап на локални бендови и солисти, а утре во 11 часот ќе биде свеченото отворање со изложбата „Златен костен 2022“, на која ќе земат учество околу 300 натпреварувачи со свои креации. Во 11:30 часот почнува дефиле на учесниците од Домот на културата до градскиот плоштад, а половина час подоцна е отворање на манифестацијата со настап на КУД „7-ми Септември“, оркестарот на народни инструменти, солисти и поети од Македонски Брод. Програмата со свое учество ќе ја збогатат и КУД „Бисер“ Кичево, фолклорниот ансамбл „Цветови“ од Радовишко. КУД „Брвеница“, пејачката група на Нико Пусоски- Кичево, „Езгија“ – Струга, а свое учество ќе земат и поети од Кичево и Охрид – истакна Милена Стојческа, директорка на Домот на културата, организатор на оваа манифестација.

Таа нагласи дека традиционално ќе има и промоција и продажба на далеку познатиот поречки костен, дегустација на колачи и торти изработени од костени и за крај ќе настапи и „Силви бенд“.

Покрај локалните жители на „Костенијадата“ се очекува присуство и на повеќе гости од соседните градови.

З.А.