Фото: З.А.

За разлика од пред недела-две кога цените на зеленчукот на кичевскиот зелен пазар беа исклучително високи, па производите речиси недостапни за граѓаните, денес кога во овој град е пазарен ден состојбата е нешто поповолна. Зеленчукот се продава со поповолни цени, а граѓаните очекуваат наредните недели да продолжи овој тренд.

-Конечно имаме одредено намалување на цените на нашиот пазар бидејќи краставиците и доматите кои беа со исклучително високи цени кои се движеа од 130 до 150 денари, денес се продаваа за 100 денари килограм и наредните саботи очекуваме нивно натамошно намалување со што ќе станат достапни за повеќето наши сограѓани. Единствено уште се високи цените на младиот кромид која изнесуваат 80 денари за килограм, а ништо поевтин не е кокарот чија цена се движи од 7о до 80 денари за килограм што досега никогаш не било случај – вели Коце Наумоски, редовен посетител на кичевскиот зелен пазар.

Продавачите и сопствениците на тезги на кичевскиот зелен пазар го очекуваа овој пад на цените и како што се затоплува времето тие најавуваат и нови пониски цени.

-И покрај се помалите површини под земјоделски култури, сепак топлото време придонесува зеленчукот забрзано да расте што е причина цените од пред недела-две денес да бидат пониски. Бидејќи доаѓаат уште потопли денови со повеќе сонце тоа ќе даде голем придонес во забрзано зреење на културите што ќе значи и намалување на продажните цени – вели Блаже Петров, земјоделец од кавадаречко.

На кичевскиот пазар единствено нема промени на цените кај овошјето. Така јаболката според големината, квалитетот и нивниот вид се движи од 20 до 50 денари за килограм. Бидејќи понудата не е променета се очекува овие цени да не се променат и во наредните неколку седмици.