фото: Општина Битола

Со полагање букети свежи цвеќиња пред спомен бистата „Ангел“, кај Градскиот часовник во Битола и споменикот „Стив Наумов“ кај поранешната Касарна се одржа комеморација во чест на тројцата загинати воени резервисти: Благојче Сиљанов, Влатко Миленковски и Пеце Матичевски, припадници на баталјонот на Воена полиција од Битолскиот корпус, кои загинаа во конфликтот во 2001 година кај Гајре.
Во име на општина Битола, свежо цвеќе положи градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, заедно со претставници на Советот на општина Битола, како и семејствата на прерано загинатите бранители, Сојузот на борци, СВР Битола, колеги, воени старешини, здруженија и поединци.
Комеморативните настани, во чест на тројцата бранители се организирани од Министерството за одбрана – Регионално одделение за одбрана во Битола.
Покрај полагање на цвеќе на гробовите на загинатите бранители во Битола и Новаци во чест на загинатите воени резервисти се одржа турнир во мал фудбал во спортската сала „Павел Шатев“,
На 5 јуни 2001 година по нешто повеќе од еден месец од крвавиот масакр кај Вејце, во кукавичка заседа животот го изгубија уште пет припадници на одбранбените сили на Македонија.
На патот меѓу тетовските села Шипковица и Гајре убиени беа Кољо Китанов и Исак Руфати, Нивното возило „пикап 101“ било погодено со рачен фрлач од страна на албанските терористи. Возилото на Китанов и неговиот старешина Руфати било изрешетано од група од пет или шест терористи, а припадниците на АРМ животот го изгубиле на самото место.
Неколку минути подоцна, на истото место терористичката група го напаѓа и второто возило на АРМ во кое се наоѓаа и трите резервисти од битолскиот регион Благојче Сиљанов, Влатко Миленковски и Пеце Матичевски. Возилото било упатено кон селото Шипковица каде требало да помогне на ранетите од борбите во тој предел на Тетовско.
М.М.