Вечерва од 19 часот во фоајето од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворена изложбата на фотографии „Али Фети Окјар – истомисленик и соработник на Ататурк“, во рамките на проектот на „Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп“ , поддржан и финансиран од Министерството за култура.
На 12 паноа со текст и околу 150 фотографии, низ каталог, се говори за прилипчанецот Али Фети Окјар, „стреловитата мисла“, човекот на големите денови, воено лице, политичар и дипломат на Османска, како и на Република Турција, роден прилепчанец.
Автор на изложбата е Рубинчо Белчески, историчар советник кустос во музејот.
Таа е дел од поголемиот проект посветен на Али Фети Окјар, и е во Програмата за остварување на национален интерес во културата, кој беше препознат и како можност за развивање на меѓуинституционалната и меѓунационалната соработката во земјата, но и соработка со Република Турција.
-Проектот„Али Фети Окјар – истомисленик и соработник на Ататурк“ се реализира во годината кога се одбележаа 80 години од смртта на прилепчанецот, 85 години од смртта на Ататурк „таткото на Турција“ и 100 години од прогласувањето на Република Турција на 29 октомври 1923 година. Мојата човечка и професионална заинтересираност ме натера да почнам да истражувам за овој наш сограѓанин, чија биографија ме фасцинира и потoa следуваше подлабоко навлегување во историјата и резултатите се видливи – вели Белчески, потенцирајќи дека во каталогот подготвен за изложбата се пренесени сите податоци за Али Фети Окјар.
Се планира и продолжување на проектот за Али Фети Окјар, односно спомен соба за „моќната стреловита мисла“ од братска Турција со што тој „ќе се врати“ во родниот Прилеп, за да се поттикнат економски, културни, научни, туристички и други активности на соработка и пријателство. Ка.М.