Неколку стотина жители на Тетово протестираа против отворање ново казино на
булеварот Илинденска. Протестот беше одржан пред приватен објект на булеварот во
близина на двата тетовски универзитети. Претставници на инијативниот одбор се обратија пред присутните, а дел од граѓаните носеа транспраренти со пораки дека се против отворањето казина и други места на игри на среќа и обложување.

– Ние сме против ново казино во нашата населба и баравме до надлежните институции тоа да не се отвори. По 18 месеци комуникација гледаме дека институциите не преземаат конкретни чекори и работие продолжуваат. Бараме да се спречи оваа девијатна појава која претставува рак на нашиот град. Ваквите објекти треба да се дистанцираат три километри од населените места – истакна на протестот Јуши Емурлаху од иницијативниот одбор.

Протестот беше поддржан и од наставен кадар од градот. Тие посочуваат дека погрешно е да има објекти со игри на среќа во близина на училишта и факултети.

– Сметам дека постои епидемија на казина, што е штетно за младите. Токму ова казино што треба да се отвори, е во близина на образовните институции каде што има голема фреквенција на млади. Погрешно е од два аспекта. Едно, што младите кога се во
персонална, емотивна или слична криза бегаат од своите грижи, стресови и проблеми и влегуваат во казина. Второ, сметам дека немаат со нив се манипулира и се игра со нивното животно неискуство за да се привлечат во вакви места – вели Љуљзим Муртезани, професор по психологија на Универзитет Тетово.

На протестот беше и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.

– До нас стигнаа петиција од граѓаните за конкретниот објект за кој ние како општина утврдивме дека нема соодветна дозвола за дејност. Го поддржуваме протестот со оглед
дека игрите на среќа штетат на духовното здравје. Со оглед дека е во тек измена во
законот за игри на среќа на седница на Совет се донесе одлука со која во рамки на јавната расправа се предлага отворањето на објекти каде се приредуваат игри на среќа да се дистанцираат на повеќе до 300 метри од училишта, факултети, верски објекти и други јавни објекти – потенцира Арифи.

Градоначалничката потенцира дека општините немаат доволно ингеренции во областа на приредување на игри на среќа и во измените на законот ќе се бара тоа да се промени. А.С.