Фото: Зоран Антоски

По долги години повеќе ќе го нема тесното сообраќајно грло околу зелениот кичевски пазар, откако деновиве беше отворен новиот паркинг простор, што се протега на површина од 600 метри квадратни, и каде што можат да се паркираат околу 50 моторни возила со лесна носивост, или во нешто помал број товарни возила до 2.000 килограми носивост.

При посетата на градскиот пазар беше видливо дека повеќе ги нема тесните грла околу пазарот и граѓаните ќе можат непречено да влегуваат и излегуваат од него.

– Она што му беше неопходно на нашиот град конечно се реализира, а тоа е нов паркинг простор во непосредна близина на зелениот пазар. Неговиот капацитет од 50 лесни возила во голема мерка ќе го намали притисокот околу пазарот. На почеток, граѓаните и покрај невремената информација, во мал број го искористија овој простор за паркирање на своите возила, додека закупувачите на тезги, овој паркинг го искористија за паркирање на возилата со кои вршат транспорт и дотур на стока. Со решавањето на овој проблем тезгаџиите од другите градови повеќе ќе немаат потреба да ги паркираат своите возила надвор и далеку од пазарот, бидејќи досега често нивните возила беа цел на крадци и се случуваше често да останат без акумулатор или друг дел од возилото – рече Ариф Алими, раководител на зелениот градски пазар.

Граѓаните се задоволни што конечно ќе можат со возило да дојдат на пазарот, непречено да се паркираат за да ги завршат предвидените работи.

– Новиот паркинг ќе помогне возилата да ги оставаме непосредно до самите тезги и без да губиме многу време ќе можеме да пазариме и да заминеме од пазарот. Со самата локација нашите возила се и целосно безбедни – вели Драган Б. кој пради оддалеченоста на својот дом, на пазарот најчесто доаѓа со автомобил. З.А.