•  „Македонија на дланка“ е биде проект за поддршка на развојот на локално ниво, со јавна евалуација и валоризација на идеи и нивна реализација, проект за презентирање, поттикнување, претставување планирани и реализирани дела, заедно со нивните носители, проект на дејствување и работа, проект на настојување за што подинамичен и рамномерен локален развој, проект на охрабрување и надеж!
  •  „Македонија на дланка“ е биде проект што генерира мотив за конкурентност, раст и развој на сите полиња од општественото живеење на локалната самоуправа, од економијата, стопанството, бизнисот, културата, спортот, заштитата на околината и природните ресурси, а сѐ во функција на нашите граѓани и како индивидуи, групи и како единствен колективитет, носител на севкупниот развој и просперитет на нашата држава и татковина.

Врапчиште

Општина Врапчиште во следните четири години ќе ја предводи кандидатот за градоначалник од редовите на Алијанса за Албанците и Алтернатива, Исен Шабани.
Тој нагласи дека ќе има голем број приоритетни проекти со кои ќе го подобри живеењето на жителите во општината, но сепак за „Нова Македонија“ истакна неколку приоритети на кои ќе се посвети, меѓу кои се реконструкции на инфраструктурата и соработка со граѓаните за јавно-приватно партнерство. Исто така нагласи дека ќе се зголемат зелените површини во општината, а и дека ќе се градат нови детски игралишта. Шабани најави чистење на сите речни корита во општината, како и регенерација на постојните и правење нови извори на енергија.
Советот во Општина Врапчиште е составен од седум советници од ДУИ, осум од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, тројца советници од ДПТМ и еден советник од Беса.
Во општината има многу археолошки наоѓалишта, кои се доста примамливи за туристите. Најпознати се некрополата од доцноантичкото време Брца и некрополата од средниот век Тумба, а има и многу голем број цркви и џамии.


Македонски Брод

Жителите на Македонски Брод за свој градоначалник го избраа кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, Жарко Ристески.
Тој истакна дека ќе се стреми општината да стане поубаво место за живеење за неговите сограѓани. Ристески нагласи дека сака да направи урбана и економски стабилна општина, а со многубројните проекти ќе им се олесни животот на граѓаните. Приоритети се урбанизацијата на руралните средини, подобрување на инфраструктурата, зачувување на животната средина и искористување на природните ресурси во насока на локален економски развој.
Советот на Општина Македонски Брод има единаесет члена, од кои тројца советници од СДСМ и коалицијата, двајца од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, еден советник од Левица, еден од Единствена Македонија и четворица советници се независни.
Општината Македонски Брод е најпозната по тоа што во нејзината околина, во близината на селото Девич, видливи се остатоци од градби што ја потврдуваат претпоставката дека на тој простор, во средниот век, постоела населба што функционирала како центар на целата област. Таму се издигаат Девините Кули, кои се изградени во близината на пештерата Пешна, каде што пак се наоѓаат остатоци од ѕидините на градот, кој, според преданието, го изградила младата девојка Пешна, сестра на јунакот Крале Марко.


Теарце

Кандидатот за градоначалник од ДУИ, Нухи Незири, беше избран во следните четири години да ја предводи Општина Теарце од градоначалничкото место.
Тој, покрај многубројните приоритети, нагласи и дека општината ќе ја води заедно со граѓаните, зелено, паметно, чисто, отворено, правично и фер. Незири нагласи дека ќе инвестира во ефективно менаџирање на отпадот, завршување на системот за канализација и чиста вода за пиење, гасификација, патеки за трчање и велосипеди, паркинг, слободно движење, повеќе зелени површини, повеќе паркови. Исто така потенцира дека електронска администрација е клучот за ефикасна јавна услуга, но и транспарентна, давајќи целосна дигитална услуга. Според него, е-општина подразбира и дигитализација на училиштата, брз, квалитетен и бесплатен интернет во сите населени места, како и соодветна инфраструктура.
Незири ја претстави и агендата на отворена врата и агендата за вклучување на граѓаните, бидејќи, како што рече, градоначалниците им се на услуга на граѓаните, а општините им припаѓаат на граѓаните. Според него, секојдневната политика подразбира носење брзи и важни одлуки што влијаат на секојдневниот живот на граѓаните и нивната иднина. Новоизбраниот градоначалник ја истакна и агендата за нулта толеранција, што, всушност, значи агенда посветена на нула толеранција на отпад, нула толеранција на злоупотреби, нула толеранција на лошо менаџирање, нула толеранција на корупција, нула толеранција на улични кучиња скитници, нула толеранција на недостиг од места за паркинг, нула толеранција на изградби без дозвола и нула толеранција на запоставени граѓани.
Советот на Општина Теарце е составен од седум советници од ДУИ, четири од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, еден советник од ВМРО-ДПМНЕ, еден од ДПТМ, двајца од ДПА, еден од СДСМ и тројца советници од Беса.
Општината Теарце е најпозната по многубројните археолошки наоѓалишта, меѓу кои се и населбата од доцната антика Бигор Слатински, Железничка Станица, која е всушност населба од римското време, Марена, која е населба и црква од римско време и средниот век и многу други.


Валандово

На неодамнешните локални избори, валандовчани за свој градоначалник го избраа Перо Костадинов, кандидат за градоначалник од редовите на СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“. Тој во кратка изјава за „Нова Македонија“ нагласи дека силно верува во заедница со транспарентни институции, праведност во одлучувањата и солидарност помеѓу граѓаните.
Негова цел е општина со чиста животна средина, развиено земјоделство, решени инфраструктурни проблеми и создадени нови можности. Исто така нагласи и дека се стреми кон заедница што не отфрла никого, која вклучува и поддржува. Костадинов потенцира дека ќе продолжи да работи заедно со граѓаните да ја креира иднината.
Советот на Општина Валандово има 15 советници, од кои девет се од СДСМ и коалицијата, а шест советници се од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Валандовската Котлина се наоѓа на седименти од геолошки и органски талози. Самата котлина претставува моќен расед, со длабочина меѓу 300 и 500 метри. Тоа се потврдува со палеонтолошкиот наод на заби од лофодон (еден вид мамут), најдени покрај селото Прстен, што покажува дека во раните геолошки периоди, во котлината имало бујна растителна вегетација. Раседот на кој се простира Валандовската Котлина е причина за честите земјотреси што го погаѓаат ова трусно подрачје.