Во пресрет на големиот празник Илинден денеска за првпат коњаница од потпелистерското село Цапари тргна за Крушево.

Коњаницата, која ја сочинуваат четворица коњаници, по црковната служба и заклетвата движејќи се по стариот пат стигнаа до Битола и минаа низ центарот на градот.

-За првпат сакавме да организираме затоа што од Цапари почна битката за Крушево. „Патот на Црешовото топче“ по 12 пат го организираат овај марш ни дадоа можност за да присуствуваме и да бидеме дел од нивната коњаница – вели Ѓорѓи Стојчески, член на коњаницата.

Коњаниците за маршот се подготвуваа два и пол месеци. Меѓу членовите на коњаницата има и две девојки.

– Немав досега такво искуство, но се надевам ќе биде добро. Се приклучив на коњаницата затоа што се започна од тука, од Цапари, но ние немавме наша коњаница и овој беше моментот кога се решивме да организираме, изјави Јована Талевска, член на коњаницата, која истакна дека на коњаниците најголем проблем им е топлото време.

Коњаницата од Битола замина за Бигорски манастир каде ќе се приклучат на коњаницата „Свети Јован Бигорски Патот на Црешовото топче“, која на 2 август треба да пристигне во Крушево. М.М.