Со цел да се собере целото ѓубре расфрлано во СРЦ „Крушино“ и неговата поширока околина, група од 60-тина ентузијасти, еколози и љубители на чистата природа од Кичево, ја спроведоа втората екоакција „Крушино уште почисто“. Во акцијата покрај возрасните граѓани, се вклучија и поголем број ученици од ОУ „Д-р.Владимир Полежиноски“, заедно со нивната наставничка Сузана Маркоска.

– Ѓубрето што не успеавме да го собереме при првата екоакција, целосно го исчистивме при втората, во која собравме повеќе од 15 големи пластични вреќи секаков вид на отпад. Покрај чистењето на ѓубрето, ги искастривме и грмушките и гранките што беа надвиснати крај патеката која од овие гранки беше стеснета, а со помош на доброволци беше искосена и тревата која низ годините израснала крај патеката и спортските игралишта. Целиот простор по оваа акција го доби посакуваниот изглед, по кој Крушино беше препознатливо пред повеќе децении – рече Ангела Мојсоска, една од заговорниците на овие екоакции во СРЦ „Крушино“ и чест посетител на овој локалитет.

За разлика од првиот пат, овојпат одзивот на граѓаните беше поголем и беа вклучени сите генерации доброволци на кои Крушино и екологијата им се многу важни.

– Радува сознанието што при оваа екоакција, покрај нас возрасните се вклучија и 40-тина ученици од ОУ „Д-р.Владимир Полежиноски“ кои со својот ангажман и несебична помош помогнаа Крушино да биде уште почисто. Како и при првата, така и при оваа акција ЈКП „Комуналец“ нѝ обезбеди превоз за транспорт на насобраното ѓубре. Нашите акции нема да завршат тука. Тие ќе продолжат и  на други локации, каде што има расфрлено ѓубре од страна на неодговорните граѓани. Се надеваме дека нашите чекори ќе ги следат сѐ поголем број на млади од Кичево, а покрај собирањето на ѓубрето ќе работат на подигањето на свеста на граѓаните за чиста и здрава околина – додаде Мојсоска.

З.А.