КИЧЕВО
Најмладото и најголемо вештачко езеро во земјава Козјак, ни оддалеку не е онаа акумулација што ја паметиме од пред 17 години, кога се создаде во регионот на Порече. Има драстично намалување на водата и денес на сѐ пониското езерско ниво се гледаат огромните количества ѓубре, а видливо е како притоките сѐ повеќе и повеќе носат мил измешан со кал и песок, кој се таложи на езерското дно.
Жителите од блиското опкружување и од целото Порече се крајно разочарани од состојбата во која се наоѓа оваа акумулација.
– За жал, езерото Козјак денес ни малку не личи на акумулацијата што беше создадена во Порече во 2004 година, кога имавме бисерно езеро со чиста и проѕирна вода, за денес од него да остане само еден дел, бидејќи дотекот на вода е недоволен да го врати во претходната состојба, а поради испуштањето, неговото ниво од месец на месец е сѐ пониско. Во голем дел наместо езеро го гледаме единствено коритото на реката Треска, најголемата притока на Козјак – вели Драган Гечески, кој е разочаран од односот на риболовците и инертноста на локалната самоуправа на Македонски Брод, која никако да се охрабри да подаде рака за да помогне во неговата нормализација.
Тој додава дека не е само проблемот со недостиг од вода во езерото туку има и други проблеми создадени од неодговорните риболовци.
– По завршениот риболов тие фрлаат сѐ што не им треба покрај самото езеро или во неговите води. Со ова се потврдува дека свеста на риболовците е под секое рамниште, но чуди и инертниот однос на градоначалникот на Македонски Брод, кој се оглушува на сите наши апели да се спроведат еколошки акции за чистење на крајезерскиот појас. За жал, од таа страна нема одговор ниту иницијатива, за да се променат работите на подобро – додава Гечески, кој од своето родно село има можност секојдневно да ја следи пропаста на Козјак.
Младиот Далибор Мисајлески е жител на Брод, кој е исто така разочаран од состојбата на езерото и вели дека нивото на езерото Козјак е спуштено за една третина од максималната кота, а најголемото празнење се врши со испуштањето на водата за производство на електрична енергија. И тој потврдува дека недоволните врнежи на снег зимава и на дожд во тековниот период, придонесоа езерото забрзано да се празни и без шанси наскоро да се нормализира неговиот водостој. Ова што му се случува на Козјак е еднакво на еколошка катастрофа.