фото: Маја Јаневска Илиева

Од пред Владата преку Судскиот совет и законодавниот дом до Кривичниот суд, попладнево се одржа четвртиот протестен марш на граѓанската иницијатива „Кој е следен?”, барајќи правда за жртвите во досегашните трагедии.

Како што изјави претставничката на граѓанската иницијатива Анастасија Митревска, денешниот протест е за сите барања на иницијативата изнесени во јавноста, а дел од нив и поднесени до Владата, но како што рече, властите повеќе посветуваат внимание за тоа кој ги организира протестите, отколку да се фокусираат на барањата.

Упати апел до сите граѓани да го кренат својот глас против неправдата.

– Не треба да ги заборавиме сите овие трагедии. Протестираме за сите барања кои се изнесени во јавноста досега, за кои властите се запознаени. Но, тие повеќе се вртат за тоа кои сме ние, наместо да посветат внимание на тоа што ние бараме – рече Митревска.

Нивните барања се имплементирани во проектот наречен „Визија 0”.

– Конкретно барањата уште претходно ги претставивме, тоа се еден број на кој ќе ги добиеме сите инспекторати истовремено, имаме барања за безбеден град, светлосна сигнализација, граничници на тротоари, тоа е еден цел проект наречен „Визија 0”, кој има 20 барања – рече Митревска.