Констатациите за оштетувања на конструкцијата на мостот „Беласица“ од пожарот коишто се однесуваат на состојбата на каблите за преднапрегање, а кои се донесени врз база на преглед на мостот со дрон и тоа на помалку загрозените делови на неговата конструкција, без сомнение не можат да бидат основ за носење заклучок дека каблите не се сериозно оштетени, вели проектантот на мостот, Вукан Њагуљ за МИА.
Њагуљ појаснува дека се неопходни испитувања на лице место и дополнителни пресметки.
Според него, улогата на средишната плоча на мостот за негово правилно функционирање во ниту еден случај не може да се смета за споредна.
-Напротив, со тоа што ги поврзува главните сандачести носачи во една целина таа значително ги намалува влијанијата во нив при несиметричното сообраќајно оптоварување. Ова може да се докаже со соодветна статичка пресметка, онака како што е направено и во Главниот проект, вели Њагуљ.
Мислењето дека мостот е во ред само затоа што во моментот стои и затоа што можеби би издржал некое пробно оптоварување, според Њагуљ, не е во согласност со основните особини на сите градежни материјали.
-Тоа конкретно подразбира дека мостот не е сигурен доколку поради пожарот дошло до губиток на силата на преднапрегање и како последица на тоа до пораст на напрегањата на затегнување во бетонот преку границите дефинирани со проектот. Во такви околности мостот наизглед сигурно ќе стои се додека носивоста на бетонот на затегнување поради замор не се намали на ниво кое ќе овозможи појава на статички неконтролирани пукнатини што ќе доведе до загрозување на стабилноста на конструкцијата. Или грубо кажано – мора да се знае зошто мостот стои, појаснува Вукан.
Додава дека би сакал да го види извештајот како човек кој целиот работен век се занимава со мостови, особено како проектакт на мостот „Беласица“.
– За жал, немав прилика да го погледнам Извештајот, а како некој кој целиот свој работен век, па и повеќе, се занимава со мостови и особено како проектант на овој мост навистина би сакал да ја имам таа можност, вели Њагуљ, додавајќи дека поради тоа неговите заклучоци се креирани врз основа на информациите објавени во јавноста.
За потребата од подлабински истражувања алармираше и професорот Горан Марковски веднаш откако Институтот го достави Извештајот до Град Скопје. Марковски, инаку декан на Градежниот факултет при УКИМ во Скопје, имаше посочено дека подлабинско истражување ќе придонесе за намалување на ризикот и полесно предвидување на наредните чекори.
Њагуљ се согласува со тоа дека е потребно да се направи детална пресметка со која би се проценило што се случило со мостот.
-Ниту еден проектант на мост не може да остане рамнодушен кон своето дело. Затоа со внимание го следам развојот на настаните поврзани со проценката на степенот на неговото оштетување. Во тој контекст, со особен интерес ја проследив и снимката од излагањето на проф. Марковски. Како што предлага професорот Марковски, во процесот на дијагностика неопходно е да се спроведе ваква анализа со расположивите податоци за пожарот. Целта на оваа пресметка би била да се процени што се случувало со мостот, односно со неговите конструктивни материјали за време на пожарот. Дали евентуално некаде дошло до пречекорување на дозволените напрегања во материјалите, дали се појавиле пукнатини и во кои пресеци итн., изјави Њагуљ.
Во врска со отклонот на конструкцијата во средното поле, тој се согласува со заклучоците на професорот Марковски, но додава дека имајќи предвид оти каблите се инјектирани, има и други причини зошто како последица на пожарот не морало да дојде до зголемување на отклонот, односно до деформација надолу. Притоа, посочува дека сепак оваа претпоставка мора да се провери.
-Должината на делот на конструкцијата на која каблите во внатрешните ребра можеле да бидат изложени на критична температура е релативно мала. За 3 кабли (од вкупно 6) таа должина изнесува во просек околу 12 м (по 6 м мерено од средината на речниот распон на мостот). Притоа дебелината на заштитниот слој на 2 од 3-те кабли, гледано од средината на распонот, постапно се зголемува за да на крајот од наведената должина изнесува повеќе од 10 см што значи дека влијанието на температурата на таа должина постапно се намалува, потоа каблите кои се наоѓаат во надворешните ребра и во долната плоча на сандачестите носачи најверојатно не биле изложени на критична температура, вели тој.
Пукнатините кои можеле да се отворат поради нееднаквото загревање, според Њагуљ, најверојатно потполно се затвориле во текот на ладењето на конструкцијата, но, тоа, вели тој, не значи дека така ќе остане и при сообраќајно оптоварување на мостот.
Потенцира дека евентуалното непостоење на позитивен отклон, односно деформација надолу во моментот, не мора да значи дека нема настанати оштетувања во делот од каблите за преднапрегање.
Во врска со губитокот на силата на преднапрегање и состојбата на каблите, Њагуљ смета дека губењето на квалитетот на челикот за преднапрегање е од примарно значење, бидејќи како што појаснува, освен губитокот на активната сила на преднапрегање и последователниот пад на резервното напрегање на притисок во бетонот, доаѓа и до важно и неповратно намалување на коефициентот на сигурност на лом на конструкцијата.
-Може да се каже дека со ладење на челикот од кој што се произведени јажињата еден дел од силата на преднапрегање ќе биде обновен затоа што должината на каблите на загреаниот дел е генерално гледано непроменлива, секако ако не дошло до деградација на квалитетот на челикот и ако каблите можеле непречено да се вратат на првобитната должина. Доколку настанала деградација на квалитетот на челикот постои можност напрегањето во жиците од кои се составени јажињата да ја пречекориле границата на течење што значи дека сила во каблите сепак постои, но таа ќе биде помала, дециден е Њагуљ.
На прашањето дали е возможно да се утврди силата во каблите, проектантот вели дека каблите кои се наоѓаат во критичната зона на сандачестиот носач биле најмногу изложени во текот на пожарот. Според него, утврдувањето на интензитетот на постоечката сила на напрегање и степенот на евентуална губење на квалитетот на челикот од кој што се произведени јажињата се од примарно значење, особено за носење конечна одлука за потребата од санација на конструкцијата.
Додава дека методата со испитување на бетонските јадра може да се користи како помошна, пред сѐ заради намалување на бројот на местата на кои би се вршеле директни мерења на постоечката сила на преднапрегање, при што таа треба едновремено да биде „баждарена“ преку споредба со директните мерења.
Посочува дека е пожелно состојбата на каблите и постоечката сила на преднапрегање на одреден број места да се определат прво со индиректна постапка, а дури потоа со директна.
-Поради големата широчина на мостот и со самото тоа значителната несиметрија на главната лента на сообраќајното оптоварување во однос на неговата оска, обновувањето на оваа улога на средишната плоча во работата (функционирањето) на конструкцијата на мостот, со преземање на соодветни мерки за санација и евентуално зајакнување, треба да има посебно место во проектот за неговото возобновување, подвлекува Њагуљ.
Според него, покрај другото ќе биде потребна и замена на постоечката арматура.
Експертизата за опожарениот мост „Беласица“ ја направи приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени и таа е доставена до Град Скопје.
Директорот на Институтот, професор Михаил Гаревски тогаш рече дека од визуелната инспекција не е забележана изложеност на каблите за преднапрегање ниту на еден дел од мостот, туку дека тие се скриени со заштитниот слој на бетон.
-Овој е основниот услов и затоа оштетувањата се мали. Но, иако оштетувањата се мали, сепак ќе треба да се изврши санација. Но, потребна е санација на плочата над примарните цевки за парно со торкретирање за да се врати заштитниот слој од бетон кој ја штити ребрастата арматура од корозија. Потребно е и да се врати паднатиот бетон на некои површини од долната плоча и вертикалните ребра на сандачестите носачи. За да може да се спроведе санацијата на мостот неопходно е да се извадат цевките за парно кои се наоѓаат под мостот, истакна Гаревски тогаш во изјава за МИА.
Минатата недела, од АД ЕСМ информираа дека се започнати теренските активности за отстранување на опожарениот топловод на мостот „Беласица”. Оттаму соопштија дека ќе вложат максимални напори демонтажата да се заврши во најкраток можен рок.
null
Отстранувањето на топловодната инсталација, за проектантот на мостот Њагуљ, е добар почеток, но смета дека тоа требало да биде направено многу порано.
-Отстранувањето на топловодната инсталација секако е добар почеток затоа што е тоа неопходно за извршување на дополнителните испитувања на конструкцијата на лице место и за локална санација на нејзините делови. Штета што со тоа не се започна порано. За време на мојата посета на мостот на 25 мај, лично предложив со тие активности да се започне веднаш, независно од тоа какви работи на мостот ќе биде неопходно да се извршат, истакна проектантот.
Поминаа скоро три месеци откако на мостот „Беласица“ избувна пожар кој зафати површина од 2.000 м2. Оттогаш сообраќајот по мостот е забранет, а возилата и пешаците се пренасочуваат по околните улици со што се создава сообраќаен метеж во градот. Освен информацијата од АД ЕСМ дека е почнато отстранување на топловодната цевка, нема официјални информации за колку време би завршила санацијата и кога повторно мостот ќе биде пуштен во употреба.