Пратениците попладнево дадоа поддршка по скратена постапка да се донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, поднесен од опозицијата.
Од присутните 84 пратеници, сите гласаа „за“. Немаше ниту еден против или воздржан.
Предлогот го образложи Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ, напоменувајќи дека со него би требало да се стави крај на отворање здруженија и фондации чии програми, цели, дејности и дејствувања се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на земјава, кон поттикнување и повикување на воена агресија, како и кон разгорување национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка, поттикнување и одобрување фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх, како и преземање активности поврзани со тероризам или активности спротивни на Уставот.
– Последниве седум месеци сме сведоци на отворање т.н. културни клубови под називи на контроверзни личности, нацисти и фашисти. Со овој закон би требало да се стави крај на отворање вакви здруженија и фондации. Со измените се предлага како име, скратено име и/или назив на организација да не можат да бидат употребувани имиња, презимиња, прекари, псевдоними, кратенки и иницијали на лица кои по било кој основ, начин или форма во минатото се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх – истакна Мизрахи.
Според предложениот текст, организации, здруженија, фондации, сојузи и други форми на здружување регистрирани согласно одредбите на Законот за здруженија и фондации се должни во рок од три месеци од стапување во сила на законските измени, да го усогласат своето име и/или назив, цели и дејности согласно наведените одредби.
– Здруженија и фондации регистрирани согласно одредбите на Законот за здруженија и фондации кои нема да ги усогласат одредбите согласно став 1 од овој член, се бришат од Централниот регистар, за што министерот за правда донесува одлука. Министерот за правда е должен да донесе одлука за нивно престанување во рок од четири месеци од денот на стапување во сила на овој закон – стои во образложението.
Собранието, исто така едногласно, со вкупно 76 гласа „за“, без ниту еден против или воздржан, дадоа поддршка по скратена постапка да се донесе и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии, поднесен од пратеници од владејачките партии.
– Во вакви услови на провакции кои предизвикуваат крајно негативни чувства кај граѓаните, предлагаме законот да се донесе во скратена постапка. Апсолутно, да нема никакви дилеми, немаме против никакво здружување, но мора да застенеме во одбрана на нашите темели, а тоа се антифашистичките вредност. Предлагаме, политичките партии во своите програми да не можат да бидат насочени кон разгорување омраза, етничка или каква било друга нетрпеливост, ширење фашизам, нацизам – рече координаторот на СДСМ Јован Митрески, образложувајќи го Предлогот.
Денешната 88. седница почна со неколкучасовно задоцнување од технички причини, а ќе продолжи утре. При утврдувањето на дневниот ред беа прифатени повеќе предлог-закони, но и се отфрлија неколку поднесени од опозицијата.
Продолжението на седницата е закажано за утре во 11:00 часот.