Илустрација / Фото: Пекселс

Експертка на Обединетите нации ги поздрави суштинските напори на Германија и Македонија за решавање на сложената ситуација во која се наоѓаат нивните граѓани повратници од конфликтните зони, особено од Сирија, преку нивна репатријација, реинтеграција и гонење.

Специјалната известувачка на ОН за унапредување и заштита на човековите права и основните слободи во борбата против тероризмот, Фионула Ни Аолаин, која беше во посета на двете држави, а во земјава престојуваше изминатава недела, рече дека земјите како Германија и Македонија покажаа дека репатријацијата не е само возможна, туку и практична.

Како што соопшти Канцеларијата на ОН во Македонија, таа ги истакна тешките услови во камповите и затворите во североисточна Сирија каде овие лица масовно и произволно се затворени, особено нагласувајќи ги тешките последици по ранливите деца коишто и понатаму се затворени без пристап до образование, здравствена заштита, безбедност и други основни права.

– Ги поздравувам напорите на Германија за поттикнување на енергичен и стручен ангажман на граѓанското општество во процесите на откажување, дерадикализација и реинтеграција, што покажува колку е важно да се има пристап што го вклучува „целото општество“ за враќањето на овие лица, како и пристап кој е заснован на човековите права и кој овозможува сеопфатна и нестигматизирачка реинтеграција во општеството – рече таа.

Специјалната известувачка истакна дека Македонија започна со изработка на модел за реинтеграција во заедницата врз основа на мултидисциплинарна експертиза со вклучување на социјални работници, клинички психолози и претставници од безбедносниот сектор со цел семејствата, особено жените и децата, целисходно да се реинтегрираат во нивните заедници.

Експертката истакна дека е важно гонењето за меѓународните злосторства со разорно дејство извршени од страна на ИСИС во Сирија и Ирак да се врши во согласност со начелата за владеење на правото. Таа го поздрави иновативниот и уникатен пристап на Германија во постапувањето по меѓународните кривични дела и видливата подготвеност на земјата за премостување на огромниот јаз во неказнивоста на злосторствата извршени од страна на ИСИС.

-Изрично повикувам на репатријација на мажите и жените од Германија и Северна Македонија, за да се осигуриме дека напорите за враќање и отчетност и понатаму ќе продолжат – рече таа.

Ни Аолаин рече дека двете земји мора и понатаму будно да внимаваат на тоа дали политиките и практиките за борба против насилниот екстремизам поврзани со враќањето и реинтеграцијата се навистина усогласени со стандардите за човековите права. Таа изрази загриженост дека некои напори за реинтеграција во пракса, наместо да спречат, можат да предизвикаат стигма и отфрлање на повратниците од општеството.

– При гонењето и судењето на повратниците мора да се постапува во согласност со меѓународните стандарди за фер и правично судење, казните мора да бидат пропорционални и условите во казнено-поправните установи мора да бидат соодветни, со цел на повратниците да им се даде подеднаква можност за рехабилитација и реинтеграција во општеството – рече експертката на ОН.

Таа го поздрави проактивниот пристап на двете влади кон ова сложено правно и политичко прашање, што претставува значаен пример за другите држави во поглед на олеснување на враќањето и реинтеграцијата на нивните граѓани од конфликтните зони, вклучувајќи ја и Сирија.