Во Македонија досега се потврдени вкупно 44 случаи на западнонилска треска, од кои 43 пациенти се хоспитализирани, а кај најголем дел е регистрирана невроинвазивна форма на болеста, информираше денеска министерот за здравство Сашо Клековски, пренесе МИА.
Клековски ги посети Клиниката за инфективни болести и Институтот за јавно здравје, каде се сретна со медицинскиот персонал кој е вклучен во справувањето со епидемијата.
Од почетокот на епидемијата досега, 21 пациент е отпуштен од болница и упатен на домашно лекување, додека денеска се очекува да бидат отпуштени уште четворица пациенти. Вкупно пет лица починале од последиците на болеста.
Министерот апелираше до граѓаните веднаш да побараат медицинска помош доколку забележат симптоми како висока температура, вкочанет врат, дезориентација, слабост или грчеви.
Клековски истакна дека здравствениот систем е подготвен за справување со состојбата и дека здравствените работници имаат целосна поддршка.
-При денешната посета направив увид во капацитетите со кои располагаат установите, од аспект на можностите за хоспитализација, кадровската опременост, како и лабораториските реагенси за испитување – изјави Клековски.
































