Резултатите од направените студии за бихевиоралните и културолошки аспекти за употребата и откажување од тутунот, како и презентација на статусот со инвестициите во тутунот во земјава, покажуваат дека пушењето и употребата на тутун во нашата држава е на загрижувачки високо ниво, односно, половина од населението секојдневно консумира цигари и производи од тутун, истакна министерот за здравство Фатмир Меџити на денешната презентација на студиите.
На настанот, организиран во пресрет на „31 мај – Светски ден без тутун“, како што соопшти Министерството за здравство, учествувале и Ане Јохансен, специјална претставничка на СЗО во земјава и Сузана Ахмети Јањиќ, раководител на секторот за инклузивен просперитет во УНДП.
Министерот нагласи дека студии од овој тип за првпат се спроведуваат на национално ниво, кои служат за планирање на идните стратешки чекори, како и за подигнување на јавната свест во правец на зајакнување на националните активности за контрола на употреба на тутунот и тутунските производи. Земајќи ја предвид фактичката состојба дека употребата на тутун е меѓу главните фактори за морбидитетот и морталитетот од незаразни болести, неопходно е планирање и преземање активни мерки за намалување на консумирањето тутун и тутунски производи.
– Со нашите партнери, разгледуваме креирање на нови, специфични активности во насока на поддршка на спроведувањето на Рамковната конвенција за контрола на тутунот, врз основа на ставовите на здравствените работници и на населението – изјави Меџити.
Во рамки на денешното излагање, министерот искажал благодарност до Светската здравствена организација за континуираната поддршка во заштита на здравјето на населението и зајакнување на здравствениот систем, како и до УНДП и сите агенции на Обединетите Нации (ОН), кои работат на развој и имплементација на политики, стратегии и активности, како што е Националната развојна стратегија за следните 20 години, со цел „Никој да не биде изоставен“.