Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова ја почнува кампањата за претседателските избори од нејзиниот роден град Охрид, како што соопшти преку нејзиниот фејсбук-профил.

– Добро утро Македонијо! Ја почнувам кампањата денес од мојот роден град Охрид. Би сакала да информирам дека кампањата има две лица едното е граѓанското, другото е на најголемата опозициска партија и предводник на коалицијата партии кои застанаа зад мојата кандидатура ВМРО-ДПМНЕ – напиша Силјановска-Давкова, чиј слоган во кампањата гласи „Правда за Македонија! Татковината повикува!“

Таа истакна дека граѓанските активности во рамки на кампањата ќе бидат насочени кон добробит на околината и на заедницата.

– Ве известувам дека додека ве убедувам да гласате за мене овие 20 дена низ цела Македонија мојата кампања ќе прави добро. Секој град кој ќе го посетам ќе добие, мала, бесплатна, јавна библиотека. Исто така граѓанските активности ќе бидат насочени кон правење добро за себе, за околината и за заедницата – порачува Силјановска-Давкова. С.Н.М.