Зошто воопшто Македонија избира политичари што се глуви за граѓанските барања и потреби, а се желботека за меѓународниот фактор? / Фото: Игор Бансколиев

Стремежите и желбите на својот народ треба да бидат врвен приоритет и водилка за секој политичар, а не она што ќе се наложи и ќе се инструира однадвор. Додворувањето стана атрибут во описот на работното место „функционер“.
За лидерите и функционерите што управуваа со оваа држава низ годините, очигледно она што ќе се каже однадвор, во центрите на моќ, е многу поважно отколку она што го бараат граѓаните. Таквата позиција низ годините акумулираше револт во македонското општество, кое со право се прашува зошто воопшто избира политичари што се глуви за граѓанските барања и потреби, а се желботека за меѓународниот фактор

Од осамостојувањето, мноштво политичари приоритетно им исполнуваа желби на
странци, игнорирајќи ја волјата на граѓаните

Во време кога светот „се врти наопаку“ и кога секоја земја се бори што подобро да ги оствари сопствените интереси и интересите на своите граѓани, во прв план испливува умешноста на политичките лидери, кои покрај тоа што треба да бидат своевидни визионери и да го чувствуваат пулсот на граѓаните, истовремено треба да ги слушаат пораките што ги испраќа нивниот народ и тие пораки да бидат основата врз која ќе се градат идните политики, како внатре во земјата така и на надворешен план.
Умешноста на големите лидери е во тоа што секогаш дејствуваат водени од интересите и желбите на сопствениот народ, а не од потребите на меѓународната заедница или желбата на некој странски центар на моќ, кој секогаш ќе сака да ја воспостави својата геостратегиска рамка и да ги наметне сопствените интереси и цели, не водејќи сметка за другите.

Поважно мислењето на странските центри оти така е поудобно владеењето

Пехот на Македонија во овие три децении независност беше тоа што секогаш на функција се наоѓаа политичари што повеќе се грижеа како да ги задоволат барањата што доаѓаа однадвор отколку да ги застапуваат ставовите на својот народ. За нив стана нормално откако народот ќе ги избере на функција да одлучуваат водени од она што ќе значи исполнување на барањата на Брисел и Вашингтон, но речиси без исклучок, секогаш спротивно на она што го сакаат граѓаните.
Имено, македонските граѓани беа против приемот во ОН под понижувачка референца, се противеа на промена на државното знаме, не се согласуваа со уценувачката Привремена спогодба со Грција, беа против наметнатиот рамковен договор, против територијалната поделба, како и против Договорот за пријателство и соработка со Бугарија и последно против Преспанската спогодба, што јасно го искажаа на референдумот на кој со тоа што го игнорираа порачаа дека за некои работи, како името Македонија, не може да одлучува оваа или некоја идна генерација.
Сите овие моменти во поновата македонска историја влијаеја врз промената на карактерот на државата, која сега се најде во позиција нејзината иднина да зависи од целите и желбите на соседните држави, наместо самата да си ја креира сопствената политика.
Причините за тоа треба да се бараат токму во лидерите и функционерите што управуваа со оваа држава, за кои, очигледно, она што ќе се каже во Брисел и Вашингтон е многу поважно отколку она што го бараат граѓаните. Таквата спротивставеност создава револт во општеството, кое со право се прашува зошто воопшто избира политичари што се глуви за нивните барања и потреби.
Од друга страна, нивната задача, колку и да е тоа тешко, колку и да е опасно во одредени ситуации, е да го пренесат ставот на оние што ги застапуваат, без оглед дали тоа ќе донесе непријателства од една или од повеќе страни. Задача на дипломатијата е да ги испегла тие непријателства, повторно во интерес на граѓаните. Народот има свои желби, свои емоции, очекувања, така што не може политичарите да заборават на оние што ги избрале и по линија на помал отпор да прифаќаат сè што ќе им се сервира однадвор. Тоа не е лидерство, туку обично полтронство и вазалство.
Водени токму од таа линија на помал отпор, политичарите ја доведоа државата во ситуација нејзините евроинтеграции да ги диктира соседна земја, чии територијални и идентитетски аспирации остануваат исти и по сто години.

Недозволиво е да се води политика на помал отпор

Македонскиот народ со векови има сопствени желби и емоции за градење независна македонска држава и за таа цел гинеле многу луѓе, за сега некој по линија на помал отпор да го фрла во вода сето она што претходните генерации го обезбедиле со тешка мака и со многу жртвувани животи.
Некои поранешни функционери ќе кажат дека „не е лесно да се води политика спротивно на емоциите и желбите на сопствениот народ“, но она што народот легитимно ќе праша е дали воопшто некој треба да води политики спротивни на емоциите и желбите на сопствениот народ. По секоја логика таквите политики спротивни на граѓанската волја се рамни на велепредавство и се во функција на надворешниот фактор.
Не толку одамна и некои актуелни политичари велеа дека „ако се воделе според желбите на граѓаните, Македонија ќе останела заглавена“. По ваквите изјави, легитимно се наметнува прашањето кого слушаат и за чии емоции треба да се грижат македонските политичари и функционери? Произлегува дека понезгодно е ако го повредат егото на Грција или на Бугарија, или емоцијата на Меркел, Могерини, Хан, сега и на Макрон, Шолц, Фон дер Лејен отколку она на својот народ.
Македонските граѓани избираат политичари и лидери затоа што сакаат и тие, но и нивната држава да имаат просперитет на сите полиња. На политички план сакаат да се стави јасна црта дека ова е македонски народ, со свој јазик, идентитет, кој никој нема да го толкува и одвојува со коси црти, со устав во кој ќе си го добие заслуженото место како мнозински народ, со македонски јазик, со сопствен наратив и митови во историјата, културата и сето она што е обележје на еден суверен народ. Искажувањето на таквата емоција на народот воопшто не е лесна работа, но политичарите се таму зашто народот им го дал мандатот, а тие свесно се обврзале дека ќе ги бранат интересите на своите граѓани и на својата држава и ќе ја манифестираат таа народна емоција насекаде каде што можат, вклучувајќи и во одлуките што ќе ги носат. Впрочем, таква заклетва даваат кога стапуваат на функција.
Недозволиво е да се води политика на помал отпор, оти тие практики во овие три децении ја доведоа државата пред распаѓање и до целосно бришење на нејзиниот автохтон карактер, како држава на македонскиот народ и на сите други што живеат во неа.

Големите лидери го слушаат пулсот на народот

Таа попустлива политика, спротивно на емоциите и желбите на граѓаните, доведе да се попушти пред етноцидните политики и на Грција и на Бугарија, само затоа што на некој политичар му било полесно да прифати сè што однадвор ќе му побараат, оти така многу полесно се води политика, а емоциите и желбите на граѓаните се страшни и така тешко се практикува политика. Тоа е таа дефетистичка политика сиве овие години, која ја фрли земјава на колена и го потроши сиот романтичарски занес кај македонските граѓани дека конечно дошле до своја независна држава во која ќе бидат свои на своето. Денешната блокирана и понижена Македонија е резултат на тие попустливи политики и игнорирање на емоциите и желбите на сопствениот народ. За жал, токму тие што водеа такви попустливи политики и натаму ја верглаат истата мантра, дека треба да се свитка ’рбетот и удобно да се води политиката онака како што другите бараат, нема потреба никој да се заморува со народот и неговите потреби, оти народот е важен само на избори.
Она што е карактеристика на големите лидери е дека за секоја одлука треба да го информираат токму народот, да го слушнат неговото мислење, да ја разберат емоцијата со која истиот тој народ се соочува, за потоа да градат позиција во однос на разни прашања. Државата не е ничија сопственост за да може некој, затоа што сака да води поудобна политика без отпор, да ги распродава нејзините интереси.
Генерации македонски политичари од осамостојувањето до денес прават нешто без да го слушаат својот народ, се правдаат дека тоа е тешко и затоа се прават некакви компромиси, секогаш на наша штета, оти ќе било погубно за државата ако се направело нешто поинаку. Нејасно е што би било погубно да се задржи името Македонија, да се задржат македонските симболи, впрочем, тоа е наше неприкосновено право во согласност со меѓународните кодекси и Повелбата на ОН. Секој народ има право да ја именува државата како што сака, да се себеидентификува онака како што се чувствува, да гради сопствени историски митови и наративи, да има своја посебна култура и во тоа нема ништо погубно, тоа ни припаѓа нам и тоа е наше неприкосновено право.
За некој месец во Македонија ќе се одржат избори, така што граѓаните се свесни дека на оваа земја ѝ се потребни вистински лидери, кои ќе ги слушаат желбите и емоциите на својот народ, а нема да уживаат во функциите така што ќе спроведуваат понизни политики на помал отпор. Затоа е исклучително важно да се избира лидерство, луѓе со визија и со сенс. Се покажа дека само државите што избираат лидери, прогресираат, другите тапкаат во место и се лесна цел за поткусурување во овие исклучително сложени времиња.