Илинденските маршеви ја будат свеста кај младите, непосредно се запознаваат со македонската славна историја, со херојствата на илинденците, на партизаните, на борбеното македонско население и нивните чувства да се зачува македонизмот. Постојано на празнувањата на двата Илиндена во Македонија сеќавањата на славното минато не се избледени, напротив, сѐ повеќе се зацврстуваат и стануваат посилни, ни даваат уште поголема моќ да ги одбраниме македонската државност, македонскиот идентитет и македонскиот јазик, кои и денес се загрозени

Забележано, необјавено

Во пресрет на најсветлиот празник на Македонците – Илинден. Втори август 1903 година, почеток на македонската револуционерна борба за слобода од петвековното турско ропство, против османлиската власт, десет дена Крушевска Република, втори август 1944 година – Прво заседание на АСНОМ, во манастирот „Свети Прохор Пчињски“ беа удрени темелите на македонската држава, токму на денот кога се одбележува и црковниот македонски православен празник Свети Пророк Илија – Илинден. Големите историски настани за самобитноста и државноста на Македонија, не случајно се случиле на православниот празник Свети Илија. Годините минуваат, почитта и сеќавањата остануваат за храбрите борци на Илинденското востание и на македонското население, кои животите не ги жалеле, ги положиле за денес слободно да живееме. Постојано на празнувањата на двата Илиндена во самостојна, суверена и независна држава Македонија, и во овој бурен 21 век, сеќавањата не се избледени, напротив, сѐ повеќе се зацврстуваат и стануваат посилни, ни даваат уште поголема моќ да ги одбраниме македонската државност, македонскиот идентитет, македонскиот јазик и да дадеме силен отпор против домашните одродници, кои се обидуваат да ја менуваат историјата, да ги распродаваат илинденските и асномските вредности. За некој ден ќе ги прославиме 119-годишнината на Илинденското востание и 78-годишнината на Првото заседание на АСНОМ, македонскиот народ најсилно ќе го изрази македонскиот патриотизам и ќе се спротивстави на велепредавниците на илинденските и асномските темели на македонската држава, на македонската автентична историја. Со одбележувањата на светлите датуми на нашата историја се зацврстува македонскиот идентитет, а младите Македонци, со душа и срце не само што јавно ја искажуваат решеноста да го одбранат и да го зачуваат македонското туку со славната македонска историја и со историските места ја шират вистината кај врсниците, другарите и блиските.

Сето ова ќе го поткрепам со настани доживеани, забележани, а необјавени. Со големо задоволство се присетувам на прославата на 65-годишнината од почетокот на Илинденското востание, на 2 август 1968 година. Бев еден од организаторите и учесник на првиот Илинденски марш по славните врвици на илинденците, организатор беше претседателството на Народната младина на Македонија. Ги имав честа и задоволство да бидам одговорен и водач на педесетина младинци од Скопје, Тетово, Гостивар, Дебар и од Кичево. Утрото, на 29 јули 1968 година, во седум часот, во центарот на Кичево, се одржа свеченост и на достоинствен начин ние учесниците на Илинденскиот марш бевме испратени и го започнавме марширањето кон славното Крушево. Со илинденски и патриотски песни, со развиорени државни, републички и знамиња на Крушевската Република, минуваме низ долините и планините, километрите ги минувавме без тешкотии, кај сите владееја македонскиот дух, патриотизам и елан да издржиме и на посетата на славните револуционерни села да научиме што повеќе за илинденската епопеја, за храбрите комити и војводи. Првиот одмор го имавме по минати десетина километри, по нешто повеќе од два часа одење, во селото Карбуница. Преживеаните борци од селото Карабуница и претставници на месната заедница на селото ни одржаа историски час. На 4 август 1903 година, во селото се водела најжестока борба меѓу македонските востаници и османлиската војска и башибозукот. Востаничкиот одред имал околу 200 востаници, предводени од војводата Арсо Мицков, од селото Карбуница.

Во нерамноправна борба против четири пати повеќебројниот непријател, по четвртиот обид, кога баталјонот имал над 800 османлиски војници и засилен со Албанци од околните села, успеале да го скршат отпорот. Следниот ден битката продолжила на полјаната Ѓурѓејца, меѓу селата Карбуница и Кладник, која била најкрвава и најславна во Илинденското востание во Кичевско. Следниот историски час го имавме во револуционерното село Цер, по препешачени 22 километри, за повеќе од шест часа и тука ручавме. На 24 април 1905 година, војводата Христо Узунов и неговата чета по долга и нерамноправна борба се самоубиле, само живи да не му се предадат на турскиот аскер. Очевидци на овој немил настан од илинденската епопеја ни говореа пред куќата во која комитите се самоубиле.
Во селото Пуста Река, кое се наоѓа на 11 км оддалечено од Крушево, пак имавме средба со историски настани. Жителите на селото нѐ запознаа дека во историјата Пуста Река било трипати запалено и изгорено до темел. Првиот пат за време на илинденската епопеја, а двапати за време на Втората светска војна. Но жителите никогаш не се поколебале, се бореле и низ борба кај нив се развивала свеста за слобода на Македонија, се развивал и се зголемувал отпорот кон двете ропства.
Вечерта со развиорени знамиња и со илинденски и патриотски песни влеговме во славното Крушево, бевме пречекани од крушевчани и гостите што беа дојдени да го прослават големиот македонски празник – Илинден. Вечерта прошетавме низ градот, а потоа во логорот во кој кампувавме, околу 500 момчиња и девојки од цела Македонија, организиравме логорски оган и низ песна и разговори го дочекавме изгреј сонцето. Заедно со колегата Сталин Лозановски, уредник во весникот „Млад борец“, го подготвувавме и уредувавме Билтенот, издадовме пет броја, за жал, немам зачувано. Во нив пишувавме за историјата на Крушево, за Илинденското востание, за Крушевската Република за илинденците, за отпорот и страдањата на крушевчани. Сето тоа низ интервјуа и разговори со лица што ја доживеале и ја минале невидената голгота. Во нив пишувавме и за доживувањата на учесниците на Илинденскиот марш и за тоа што им значеше на учесниците да се движат по патеките на илинденците. Напладне, на 1 август, пристигна жална вест дека на 45-годишна возраст, од срцев удар, во Макарска починал Мито Хаџивасилев-Јасмин, претседател на Собранието на Република Македонија и сите манифестации беа одложени. Во 1978 година, граѓаните на Горно Лисиче го организираа првиот Илинденски коњички марш, по врвиците на илинденците, до славното Крушево. Традицијата непрекинато се одржува и годинава по 44. пат. Неколку десетина коњаници заминаа на долгиот пат и беа масовно и свечено испратени на жителите на општината Аеродром.

Во 2009 година заедно со Манојил Мане Јаковлески, јеромонахот Доситеј од Бигорскиот манастир и со благослов на игуменот архимандрит Партениј ја формиравме коњаницата и ѝ дадовме име „Бигорски манастир – по патот на црешовото топче“, изработивме лого и ја утврдивме маршрутата. Името на коњаницата и маршрутата ги избравме со убав повод, за потсетување и за незаборав. Во Бигорскиот манастир пред почетокот на илинденското востание, од двајца монаси, биле изработени првите црешови топчиња и му биле предадени на воениот штаб во Крушево. Годинава по 13-ти пат бигорската коњаница сочинета од триесетина коњаници тргна за да учествува на илинденските чествувања во Крушево. Во последниве години се формираа коњаници и во горнореканското село Врбен, во Кичево, Битола, а за првпат годинава учествува и коњаница од источниот дел на Македонија, од Струмица. Учесниците на Илинденскиот коњички марш, пред тргнувањето на маршот во манастир или црква добиваат благослов од монаси или од свештеници, притоа ги бакнуваат Библијата, револверот и камата и ја даваат заклетвата „се колнам на вечна лојалност на Македонија“, како што го правеле илинденците.

Илинденските маршеви ја будат свеста кај младите, непосредно се запознаваат со македонската славна историја, со херојствата на илинденците, подоцна и на партизаните, на борбеното македонско население и нивните чувства да се зачува македонизмот. Но кога правам споредба од првиот партизански марш во 1968 година и на последниве коњички маршеви, како учесник и сведок, со тага и бол во душата ќе констатирам. Пред половина век, македонските села беа полни со народ, со детски џагор, планините со добиток, а денес празни куќи, празни села, во некои се останати по десетина стари лица,а во некои нема ниту жител. Уште една порака до сегашните и до идните функционери да се посветат на обнова на селата, да се повратат животот и економијата во нив.