Фото: Маја Јаневска-Илиева

По повод чествувањето на државниот празник 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, низ земјата ќе се одржат повеќе манифестации и пригодни обраќања.
Претседателот на државата, Стево Пендаровски, во вторник ќе положи цвеќе на Споменикот на паднатите борци од НОБ во Алејата на великаните на градските гробишта во Бутел и ќе се поклони на гробот на првиот претседател Киро Глигоров, на гробот на генерал Михајло Апостолски, како и на гробот на претседателот Борис Трајковски.
Подоцна на платото пред претседателскиот кабинет ќе се обрати претседателот Пендаровски и ќе бидат доделени одликувањата Орден на Република С. Македонија, Орден за воени заслуги и Медал за храброст.
Премиерот Димитар Ковачевски по повод Денот на Републиката, на националниот празник Илинден, на 2 август ќе одржи говор на Мечкин Камен.
– На Денот на Републиката, Илинден, претседателот на Владата на Република С. Македонија, Димитар Ковачевски, ќе се обрати на свеченоста што ќе се одржи на Мечкин Камен во Крушево – потврди Владата.
Свечената програма во организација на Владата започнува во 11.30 часот, со положување цвеќе на Мечкин Камен во Крушево.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на Илинден ќе има свое обраќање во меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на 2 Август ќе престојува во Ташмаруниште.
– Претседателот на партијата, Мицкоски, традиционално како и секоја година и оваа ќе биде во Ташмаруниште, каде што се чествува Илинден по повод историските случки таму – изјави партискиот портпарол Димче Арсовски.
Министерството за труд и социјална политика соопшти дека во согласност со Законот за празниците на РМ, 2 Aвгуст (вторник) 2022 година, Денот на Републиката, е неработен ден за сите граѓани на Македонија. Н.М.