Фото: Влада

Поранешниот премиер Зоран Заев преку Фејсбук нагласи дека нема политички амбиции, отфрлајќи ја можноста за повторно политичко ангажирање.

– Изминативе денови, различни центри (и суетни, и криминални, и комбинации од двете, на кои им се приклучи поранешниот премиер и бегалец од правдата Никола Груевски), ме споменуваат во различни конотации. Од тоа дека ќе сум правел пуч во СДСМ, до тоа дека ќе сум бил кандидат за претседател на Република Северна Македонија, со заедничка подршка на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Во повеќе наврати изминатиот период кажав дека немам политички амбиции и би сакал уште еднаш да ги демантирам ваквите инсинуации за мое повторно политичко ангажирање. Јас нема да поднесам, ниту ќе прифатам кандидатура за претседател на државата – порача Заев.

Тој истакна дека како претседател на СДСМ ја обединил партијата.

– Како претседател на СДСМ ја обединив партијата. А, обединетиот СДСМ заедно со граѓаните урна режим и тоа баш кога тој режим беше најсилен и најразулавен. Јас никогаш нема ниту да помислам да го делам СДСМ, ниту да правам некаков си измислен пуч во СДСМ или било што слично. Доказ за тоа е моето осум и пол годишно раководење со партијата како и државните и изборните победи што ги освојуваше обединетиот и сплотен Социјалдемократски сојуз на Македонија, заедно со силното граѓанско општество – напомена Заев.

Поранешниот премиер се пофали со постигнувањата на Владата предводена од СДСМ.

– Истовремено, македонската Влада предводена од СДСМ не престана да испишува историски успеси. Ја внесовме Северна Македонија во НАТО, ги решивме домашните меѓуетничките тензии и поделби, станавме пријатели со сите наши соседи и со целиот демократски свет. Благодарение на политичките на градење пријателство со соседите, но и севкупните меѓународни политики ја добивме Автокефалноста на нашата МПЦ-Охридска Архиепископија, станавме една од трите држави кои ја основаа економската иницијатива Отворен Балкан и започнавме преговори со ЕУ – наведе меѓудругото Заев.