Со активирање на телефонскиот систем, кој веќе одамна постои во Европа, македонските граѓани ќе добијат неопходна брза реакција за сите опасности, вклучувајќи ги и оние со здравствената криза и пандемијата, но и природните несреќи и несакани случувања
ПО 15 ГОДИНИ, НАСКОРО ЌЕ ЗАЖИВЕЕ БРОЈОТ ЗА ИТНИ ПОВИЦИ
Македонија соборува рекорди во загадувањето на воздухот, а тоа проследено со опасностите од пандемијата преставува активен ризик по здравјето на граѓаните. Населени места во земјава не само што се на врвот на листата на најзагадени градови туку во исто време водат битка и со голем број заразени со ковид-19. Македонија е буквално меѓу два огна, токму во периодот што е пред нас во екот на зимата. Во вакви околности на низа потенцијални ризици и опасности за граѓаните, се наметнува потребата од најбрза можна реакција на институциите при секој евентуален повик на граѓанин за давање помош.
Во ЕУ универзалниот број за итни случаи е 112, а во САД е 911
Една од најкористените алатки за барање помош од страна на граѓаните во светот е користењето на итните телефонски броеви за помош.
Сите земји-членки на Европската Унија за оваа намена имаат на располагање единствен број за итни случаи – 112. Имено, според правилата на Унијата, овој број, освен земјите-членки, во секојдневна употреба треба да го воведат и земјите како Македонија што се аспиранти за членство.
Станува збор за т.н. центар за сите итни служби, од каде што од едно место се координира одговор на некоја кризна состојба и веднаш одлучува колку болничари, пожарникари или полицајци ќе излезат на терен во случај на некаква несреќа или непогода.
Колку за споредба, можеби најпознатото светско искуство е американската линија – 911, бесплатен телефонски број на кој граѓаните, без разлика на телефонскиот оператор и без разлика во која сојузна држава се наоѓаат, може да се обратат во случај на некаква опасност.
Од друга страна, Македонија сѐ уште нема свој единствен повикувачки број за итни состојби, на кој граѓаните ќе можат да пријавуваат несреќи и пожари, но и да побараат помош од ризици и разни опасности пред кои се соочени.
За оваа намена во земјата има четири телефонски броја за итни случаи, и тоа 192 – полиција, 193 – пожарна, 194 – брза помош и 195 – центар за управување со кризи. Ставањето во функција на македонскиот број Е-112 не би значело едноставно воведување нова телефонска линија, туку техничко и оперативно зајакнување на капацитетите и ефикасноста во системот на дознавање, лоцирање и интервенција при опасни ситуации.
За потсетување, овој единствен телефонски систем, насловен Е-112, првпат во Македонија се спомнува уште во 2005 година, кога е впишан во Законот за управување со кризи.
Врз основа на овој закон, подоцна, во 2007 година, Министерството за транспорт и врски донело одлука Центарот за управување со кризи (ЦУК) да го имплементира овој број во својот обем на работи. Во 2009 година е изработена студија за оправданост, а шест години подоцна, во 2015 година, доаѓа до обид за заживување на целиот процес, но без успех. Потоа, во 2020 година, со помош од ЕУ, повторно беше најавено дека овој проект ќе стартува во Македонија, но тој, судејќи според најавите од надлежните, за првпат ќе заживее во февруари годинава. Опремата за овој телефонски систем била набавена лани, а чини милион и 260 илјади евра и е платена од страна на Европската делегација во Македонија.
Проектот Е-112 ќе профункционира на 11 февруари
Стојанче Ангелов, директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), вели дека проектот за ставање во функција на единствениот број Е-112 е во последна фаза и ќе профункционира за еден месец.
– Центарот ќе профункционира на 11 февруари. Во моментов ни траат последните состаноци на оваа тема и во процес сме на опремување на центарот со т.н. компјутерски техничари и т.н. кол-тејкери. Оваа установа, освен во Скопје, ќе биде активна и во поголемите центри во државата, во тесна корелација со Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Агенцијата за електронски комуникации, Силите за противпожарна заштита и други државни субјекти, соработници, од Системот за управување со кризи на државата – вели Ангелов.
Тој објаснува дека кога ќе се активира системот, граѓаните ќе ја добијат неопходната брза реакција од системот на државата за сите опасности, вклучувајќи ги и оние со здравствената криза и пандемијата, но и природните несреќи и несакани случувања.
Безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски, коментирајќи ги актуелните процеси, вели дека нашите граѓани и странците од ЕУ во земјата ќе се чувствуваат многу побезбедно, бидејќи за нив ќе профункционира системот за телефонско известување при несреќи.
– Бројот 112 е уникатен и ист секаде во Европа, па со тоа на нашите граѓани на располагање ќе им биде ставена телефонска алатка што досега веќе им е позната на Европејците и на Американците. Лично сметам дека централизирањето на помошта за граѓаните во еден сеопфатен систем за тревожење и информирање е добра работа. Овој систем и досега им беше на располагање на граѓаните, но тој никогаш не беше унифициран во еден телефон, а со тоа верувам и дека институциите многу побрзо ќе ги имаат информациите од терен од граѓаните и ќе можат да реагираат за да заштитат човечки животи и да спречат предизвикување поголема материјална штета од несреќи, какви што се пожарите и поплавите – вели Стефаноски.