Фото: Принтскрин

Лидерот на Демократското движење Изет Меџити кој е дел од здружената албанска опозиција Вреди вечерва на прес-конференција во седиштето на партијата во Скопје изјави дека од денес Вреди е новиот сериозен политички фактор кој достоинствено ќе ги застапува Албанците.

– Денес драги Албанци партијата која владееше со институциите 22 години го покажа своето вистинско лице. Маските на крај паднаа. Со бојкот, ДУИ за жал се обиде да го врати политичкото организирање на Албанците во Македонија на пред политичко ниво. Партијата која на изборите излезе под името Европски фронт, партијата која 22 години се фалеше како единствен проевропски субјект во државата, партијата која и во оваа кампања зборуваше како многу брзо ќе не интегрира во ЕУ, денес го бојкотираше изборниот процес. Примитивен и недемокртски чин и згора на тоа чин спротивен на секој европски демократски стандард и принцип кој создава горчлива слика за Албанците во светот. Јавно го прашуваме министерот за надворешни работи Бујар Османи кој својот најголем успех го прогласи претседавањето на ОБСЕ како ќе го оправда бојкотот на изборите и примитивното однесување на денот на изборите утре пред меѓународните партнери – рече Меџити.

За изборниот ден рече дека бил се, само не демократски и дека државни институции кои имаат задача да го гарантираат процесот повторно се ставиле во служба на ДУИ. На терен, особено на избирачките места, како што посочи Меџити, забележани се заменици-министри, министри, директори и други партиски функционери и нивното присуство е документирано. Најави дека во текот на следните денови за ова ќе бидат информирани меѓународните претставници и набљудувачките мисии во земјава и странство.

Новата влада, рече Меџити, ќе ја одрази волјата на мнозинството албански гласачи, вклучувајќи го и мнозинството на Бадинтер. Со денешниот ден, според Меџити, лидерот на ДУИ Али Ахмети ја запечатил својата изолација од сите релевантни општествени и политички чинители и фактори во државата, како и од меѓународните партнери.

Од здружената албанска опозиција слават на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, а следната прес-конференција, како што најавија, ќе ја одржат во Тетово.