Фото: Игор Бансколиев

Акутните болести на дишните патишта се најчести болести на современиот човек, од кои возрасните просечно заболуваат до пет пати годишно, додека училишните деца заболуваат и за двапати повеќе во текот на една учебна година, особено помладите деца. Причините за тоа може да се бараат во недоволно подготвениот имунолошки систем, кој дополнително беше притаен поради долгиот период на изолација на децата поради ковид-пандемијата

Есента донесе зголемен број инфекции на дишните патишта

Двегодишната изолација на децата поради пандемијата на ковид-19 доведе до слабеење на нивниот имунитет, па со првите есенски денови драстично почна да расте бројот на инфекции на дишните патишта предизвикани од обичните вируси на настинка, кои меѓу децата што престојуваат во колективи, пред сè во градинките и училиштата, се познати како редовни сезонски заболувања.
Акутните болести на дишните патишта се најчести болести на современиот човек, од кои возрасните заболуваат просечно до пет пати годишно, додека училишните деца заболуваат и за двапати повеќе во текот на една учебна година, особено помладите деца.
Причините за тоа може да се бараат во недоволно развиениот имунолошки систем, кој дополнително беше притаен поради долгиот период на изолација на децата поради ковид-пандемијата.
Со почетокот на новата учебна година, како и со првите постудени утра, зачестија посетите на матичните доктори, кои регистрираат нешто поголем број вирусни инфекции.
– Моето дете само што тргна во училиште, по една недела фати некаков стомачен вирус. Откако го саниравме тоа, по неколку дена настава му се затна носот, качи температура и неколку дена мораше да остане дома. Учителката ни кажа дека одделението е преполовено и дека клучно е децата да се научат да се грижат за хигиена на рацете, наутро потопло да се облекуваат и здраво да се хранат – вели Татјана Николовска, мајка на ученик во прво одделение во едно скопско основно училиште.

Чувањето под стаклено ѕвоно ги направи децата помалку отпорни

Имунолозите се согласни дека периодот на изолација на децата поради пандемијата придонесе тие извесен период да не доаѓаат во контакт со бактерии и вируси, пред сè поради немањето контакти со други деца, како и поради носењето маски и честата дезинфекција на рацете.
По олабавувањето на рестриктивните мерки, минатото лето во Гевгелија и во околината се појави нетипична и непозната инфекција на дишните патишта кај децата, што се должеше на т.н. заспан имунолошки систем, појава предизвикана поради намалената изложеност на бактерии поради носењето маски и честата дезинфекција.
Ако појавата на непозната инфекција на дишните патишта среде лето се припише на заспаниот имунолошки систем, веројатно тука треба да се лоцира и зголемениот број вирусни инфекции, повеќе од вообичаеното, кај децата на почетокот на оваа есен.
– Респираторните инфекции кај децата најчесто се предизвикани од риновируси, од кои има повеќе од сто соја, така што по инфекцијата, имунитетот останува само на одреден вид вирус. Иако инфекциите кај децата поминуваат брзо, траат најмногу околу една недела и генерално не оставаат компликации, па затоа особено е важно да се зајакне нивниот имунолошки систем за да можат полесно да се справуваат со вирусните инфекции. Во меѓувреме, добро е децата да останат дома неколку дена за да закрепнат, а истовремено и да ги заштитат своите другарчиња во градинка или на училиште – советуваат педијатрите.
Тие потенцираат дека изминатите две години децата биле заштитени од вирусите бидејќи не престојувале во градинките и училиштата и затоа нивниот имунитет делумно е инертен, но сега кога децата повторно се во училиште и во контакт со врсниците, вирусните инфекции одново напаѓаат и на имунолошкиот систем му е потребно време одново да се „ресетира“.
– Значи оној „заспан“ имунолошки систем кај децата мора да се врати во полна форма, а тоа ќе се направи така што децата ќе имаат доволно сон, односно ќе спијат меѓу седум и осум часа, а помалите дури и до 10 часа. Потоа исклучително е важно пиењето течности, меѓу кои вода, јогурт, млеко и природни сокови. Убава практика е да се цеди сок од свежо овошје. Свежото овошје и зеленчук се најдобри извори на витамини и антиоксиданти. Децата треба да ги намалат слатките, бидејќи шеќерите имаат имуносупресивно дејство, намалувајќи го бројот на леукоцити и производството на антитела. Сето ова треба да биде дополнето со физичка активност секој ден. И најважно од сè, редовно да се одржува хигиената на рацете – порачуваат педијатрите, додавајќи дека само со враќање во форма на имунолошкиот систем децата ќе можат полесно да се справуваат со вирусните инфекции, а здравствените установи ќе се вратат на нивото на интервенции како пред пандемијата.

Одговорност и кај родителите да ги остават настинатите деца дома

Во меѓувреме, здравствените власти регистрираат зголемен број прегледи на институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“ во Скопје, каде што деновиве лекарите прават повеќе од 100 прегледи дневно. Најмногу се прегледуваат и се хоспитализираат помали деца, чиј имунитет потешко се изборува со вирусите и бактериите.
– Во принцип повеќе од децата што родителите ги носат на преглед се помали, до четири-пет години. Околу 70 проценти од децата се до една и пол година. Сите имаат проблем со инфекции на дишните патишта, а всушност и ние сме установа во која се лекуваат деца со белодробни заболувања. Повеќето од нив се со бронхопневмонии. Кај некои, матичните веќе ординирале терапија, но има потреба од помош во секундарна установа и доаѓаат заради инфузии, инхалации или друг вид лекување. Има и такви што по преглед и давање терапија си одат дома – вели д-р Бесник Зеќири, директор на институтот.
Според него, зголемениот број прегледи, т.е. на болни деца, се должи на заладувањето и есенските температури, но и на контактите меѓу децата.
– Наутро е студено, а потоа се стоплува. Мислам дека децата не се облекуваат соодветно, се мешаат во градинки или во училиште. Доволно е во групата да има едно заразено дете и да им го пренесе вирусот на други – појаснува Зеќири.
Негов совет е во овој период на пониски утрински температури децата да се облекуваат слоевито, односно наутро да се добро затоплени, а преку денот кога температурата ќе биде повисока, да можат да соблечат дел од облеката.
Доктор Зеќири апелира и до родителите да не носат настинати деца во градинка или на училиште бидејќи на тој начин вирусната инфекција се шири и кај другите деца, како и меѓу вработените во овие образовни установи.
– Треба да се зголеми свеста. Помалите деца се почувствителни, тие немаат доволно изграден имунитет. Има влијание и тоа што ги чувавме во стаклено ѕвоно поради пандемијата, па сега нивниот имунитет е помал – истакнува Зеќири. Н.М.