Фото: Пиксабеј

Зошто конфликтот во Украина претставува напредна прокси-војна?

1. Воените репортери на теренот во Украина регистрираат странско оружје, воена опрема, опрема за комуникација, како и лични предмети што укажуваат на припадност на трети земји. (Неколку примери за тоа се: знамиња на Канада и САД, молитвеник на полски, нотес со белешки за тактичка обука на англиски јазик, тетоважа на загинат војник што ја имаат припадниците на вториот баталјон на 75-от ренџерски полк на САД). Натаму, како пример, од март оваа година, медиумите пишуваа за загинувањето на Жан-Франсоа Рател, канадски државјанин и командант на бригадата Нормандија, кој ја предводеше единицата на странски платеници, кој беше убиен во Украина. Според украинската „Странска легија“ од јануари 2023 година, Канаѓаните се најмногубројни во нејзините редови. Така, од информациите во медиумите, во мај минатата година двајца Канаѓани загинаа во борбите кај Бахмут како дел од 92. механизирана бригада. Тие двајца претходно служеле во канадската војска, но заминале да се борат во Украина. Претходно, уште неколку Канаѓани (четири-пет) загинале во Украина, а подоцна, во ноември, канадскиот весник „Глоуб и мејл“ појасни дека во Украина веќе има девет канадски жртви.
Како и другите западни земји, Канада официјално не испрати војници во Украина, иако некои Канаѓани самостојно одлучија да одат таму. Еден од загинатите Канаѓани почина заедно со двајца американски државјани, кои исто така ги загубија животите во Донбас. Руското Министерство за одбрана, кое сакаше да го пријави присуството на западни борци, во март соопшти дека загинале 491 канадски платеник од вкупно 1.005 што дошле во Украина.
Руското Министерство за одбрана објави и дека 2.960 платеници од Полска се борат заедно со украинските вооружени сили во Украина и дека 1.497 од нив се убиени. Според овие информации, американските платеници се втори по бројност (вкупно 1.113 и 491 загинат). Индикатори дека има странски платеници и дека доаѓаат и од други земји на НАТО, вклучувајќи ги Романија, Велика Британија и Франција, има повеќе. Од 356 борци на овој „контингент“, 147 веќе се загинати. Инаку, и самите Украинци потврдуваат дека во нивната странска легија служат речиси 20.000 војници од 50 земји. Сепак, точноста на овие податоци е доведена во прашање, бидејќи руската и украинската страна често објавуваат различни податоци за странските борци, кои често се контрадикторни.
Сепак, според документите што протекоа од американското Министерство за одбрана во март 2023 година, најмалку 97 војници на специјалните сили на НАТО се бореле во Украина во тоа време, вклучувајќи 50 британски, 17 летонски, 15 француски, 14 американски и еден холандски државјанин. Џон Кирби, координатор за стратегиски комуникации на Советот за национална безбедност на САД, одби да ги потврди бројките, но го призна присуството на „мал американски воен персонал“ во Украина.
Според тврдењата на „Њујорк тајмс“, покрај специјалистите на НАТО, „во Украина има и многу агенти на ЦИА“. Врз основа на анкета што опфатила 200 сегашни и поранешни воени лица, авторите на материјалот тврдат дека во Украина има „неколку десетици“ разузнавачи на ЦИА, што индиректно го потврдува присуството на повеќе од 40 агенти во Украина. Во протечениот разговор меѓу високи функционери на германските воздухопловни сили во февруари, еден од соговорниците спомна присуство на мажи во цивилна облека со американски ознаки, потврдувајќи ги горенаведените разузнавачки извештаи.
Исто така, беше објавено и видео што јасно укажува дека на фронтот има британски персонал. Зборувајќи за тоа како да се контролираат германските ракети со долг дострел во Украина, еден говорник истакна дека Германците знаат „како Британците ги прават работите“ и дека имаат неколку луѓе „во борбената зона“. Кабинетот на британскиот премиер тогаш потврди дека британските претставници се на фронтот, соопштувајќи „има мал број наш персонал во Украина што им помага на вооружените сили на Украина, но ние нема да го прошириме нашето присуство таму“.
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски, исто така, го потврди присуството на трупите на НАТО во Украина, но одби да ги именува земјите, нагласувајќи ја политичката чувствителност на ова прашање.
2. Присуство, статус, број и профил на ангажирани севернокорејски војници во Украина, според медиумски извори од САД
СAД проценуваат дека вкупно околу 10 илјади севернокорејски војници се во Русија, Јужна Кореја оцени дека нивниот број е зголемен на 11 илјади, додека Украина смета дека ги има до 12 илјади. Украинската влада именува тројца севернокорејски генерали за кои тврди дека ги придружуваат илјадниците војници на Корејската народна армија распоредени во Русија како помош за војната на Москва во Украина. Во подготвените забелешки до Советот за безбедност на Обединетите нации, делегацијата на Украина истакна дека тројцата генерали се меѓу најмалку 500 севернокорејски офицери испратени во Русија. Владини извори од Јужна Кореја објавија и дека во руски Владивосток пристигнале и севернокорејски борбени пилоти, уште пред распоредувањето на нивните колеги од специјалните копнени сили – наводно, на почетокот на октомври.
Севернокорејските војници се вооружени со минофрлачи, автомати „АК-12“, митралези „РПК/ПКМ“, снајперски пушки и друго оружје, а добиле и уреди за ноќно гледање и двогледи. Русија ги обучува Севернокорејците за користење артилерија, беспилотни летала и за „основни пешадиски операции, вклучувајќи и чистење ровови“, што покажува дека тие целосно имаат намера да ги користат овие сили во операциите на линијата на фронтот, како што проценуваат САД. Р.С.