Додека македонската јавност со голема доза загриженост ги следи сите случувања поврзани со последните законски измени по скратена постапка, со цел олеснување на работата за изградба на коридорите 8 и 10 Д, нашиот компаративен новинарски приод открива, во најмала рака, фрапантни показатели поврзани со овој изведувач. Принципот по кој „Бехтел и Енка“ ги добивал тендерите и работата во регионот е речиси идентичен и во Албанија и во Косово и сега во Македонија. А тоа е недоволно транспарентна постапка, договори тукуречи во четири очи, основани сомневања за коруптивни дејства и секаде бурни реакции на стручната јавност, граѓаните и невладиниот сектор поради непочитување на законската регулатива и процедурите. Иако речиси секаде овие проекти добиваа предзнак дека се најголеми, најзначајни, па дури се нарекувани и патриотски автопатишта, епилогот на крајот речиси секаде е идентичен: драстично повисоки цени и трошоци за изградба и одлевање милијарди евра народни пари. Дали истото ова сценарио ја чека и Македонија, со оглед на претходните вакви искуства во регионот и пошироко

ПО ТРАГАТА НА КОРИДОРИТЕ ШТО ГИ ГРАДИ „БЕХТЕЛ И ЕНКА“ ВО РЕГИОНОТ

Додека законодавната власт во Македонија „го расчистува“ теренот и ги прави последните итни законски измени во дури осум закони, со цел да му овозможи на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ непречена работа и целосно одврзани раце за изградба на коридорите 8 и 10 Д, една подлабока новинарска анализа за одгласите од работењето на истиот овој конзорциум во регионот фрла сосема поинаква слика на сите случувања и отвора куп нови и сериозни дилеми. Имено, моделот по кој оваа реномирана компанија ги добивала профитабилните тендери за изградба на автопатишта, секаде во регионот, речиси е идентичен.
Шемата е следна. Сомневања за лобирање и политички врски со високи политичари и функционери во избраната земја, нетранспарентна постапка, без јавен тендер, најчесто договарање во четири очи, поттикнување законски и други измени, кои се исклучиво во полза на инвеститорот, и на крајот неколкукратно повисок износ за преземените работи од претходно планираните.
Неофицијално во македонската јавност веќе протекоа информации за евентуалните пенали што македонската влада би ги платила доколку не се испочитува некое од очекувањата на инвеститорот. Така, на пример, се споменува можноста Македонија да плати еднократно казна од дури 53 милиони евра, доколку не дозволи 60-часовна работна недела на коридорите. Работната недела во Македонија е законски ограничена на 40 часа неделно.
Но какви се искуствата во регионот поврзани со „Бехтел и Енка“ и со изградбата на патните коридори таму?

И во Косово и во Албанија ист образец на договори и ангажмани

Своевремено во медиумите во Косово излегоа низа написи и документи за „доходниот договор за набавка на материјал за контроверзниот автопат во Косово, Приштина – Тирана, вреден една милијарда евра, кој ѝ бил доделен на компанија за која се откри во јавноста дека е тесно поврзана со владејачката партија ПДК“. Според новинарските написи и пронајдените документи, „фирмата за вадење камен за снабдување со 80.000 тона агрегат за најголемиот инфраструктурен проект во земјата била во сопственост на високи личности блиски до лидерот на косовската владејачка партија ПДК“.
Ваквите откритија предизвикале загриженост за тоа, како стотици милиони евра од средствата на даночните обврзници им биле доделени од главниот изведувач на автопатот, американско-турскиот конзорциум „Бехтел – Енка“, на локални бизниси без јавен надзор или транспарентност.
Фидан Калаја, заменик-извршен директор на антикорупциската невладина организација „Фол“, тогаш изјави дека недостигот од транспарентност за тоа како „Бехтел и Енка“ ги троши јавните пари фрла дебела сенка врз процесот.
Но проблемот не бил само во недостиг од транспарентност.
И во Косово и во Албанија силни реакции во јавноста имало и во однос на неколкукратно зголемените трошоци за изградба на коридорите од претходно предвидените.
Така, на пример, во соседно Косово, цената на автопатот била повеќе од двојно зголемена од почетната цена цитирана од „Бехтел и Енка“.
Наспроти првичните процени дека ќе чини една милијарда евра, автопатот Албанија – Косово се искачил на две милијарди евра. Како причина за ова, според пишувањата на косовските и на албанските медиуми, се наведуваат лошото планирање, „неконкурентните тендери“, неуспехот да се постават ограничувања на трошоците.
Така „надуените“ цени ги оставиле албанските и косовските даночни обврзници со сметка од две милијарди евра за само 137 километри пат. Случувањата околу изградбата на автопатот тогаш предизвикаа остри критики и од Светската банка и од Меѓународниот монетарен фонд, кои одбија да го поддржат проектот на „Бехтел и Енка“ и не прифатија да ѝ помогнат на Тирана да го финансира.
Инаку, договорот за изградба на првата етапа од автопатот – што ја поврзува Тирана со косовската граница – беше доделен во 2006 година во брз процес на набавки, за кој Светската банка и други институции тврдеа дека е неконкурентен и незаконски.
Од документите до кои дошле тамошните медиуми и ги презентирале во јавноста може да види дека цените на „Бехтел и Енка“ биле повеќе од двојно повисоки од цените на локалните изведувачи, што ги чинело албанските даночни обврзници дополнителни 191 милион евра.
Но и покрај тоа, тамошните власти ги игнорирале сите овие укажувања на стручната јавноста, која силно предупредувала да не се потпише договор со „Бехтел и Енка“ за изградба на првиот автопат во земјата, пишуваше „Приштина инсајт“.
Во тоа време Андреа Капусела, еден од највисокорангираните дипломати во Косово, специјалист по економија, промената на стандардите за тендерот ги оценил како вознемирувачки, нагласувајќи дека договорот е „сериозно погрешен“ и на „штета на Владата на Косово.
– Договорот за изградба беше договорен откако беше избран победникот, кога преговарачката моќ на Владата беше најниска – изјавил тој за приштинскиот весник „Коха диторе“.
Сите овие случувања околу изградбата на автопатиштата во Албанија и во Косово потоа предизвикале три истраги за корупција, злоупотреба на службената положба и незаконски постапки поврзани со договорот.

Зошто мистериозна тајност, кога треба да биде основен принципот на транспарентност

Како и сега во Македонија, кога договорот со „Бехтел и Енка“ сѐ уште не е јавно објавен за сите да можат да ги видат деталите во него, и тогаш владата на Хашим Тачи на Косово одбиваше да го објави јавно, повикувајќи се на комерцијална доверливост.
Според косовските експерти и аналитичари, конзорциумот „Бехтел и Енка“ по способност и знаење многукратно ги надминува капацитетите на косовската влада.
– Од една страна имате влада со слаби институции, а од друга страна имате мултинационална и искусна компанија што ги купува најдобрите адвокати што можат да бидат достапни.
Резултатот е дека договорот целосно ја фаворизира компанијата и не е поволен за Владата. „Бехтел“ не е виновна што се обидува да го максимизира својот профит; Владата е виновна што не го заштити јавниот интерес – гласеше оцената на косовските аналитичари во однос на тогашната изградба на автопатот.
Според соговорниците, тоа се „силни индиции дека оваа констатација може во иднина да се однесува и за Македонија“. Недопустливо е, според нив, „цехот на крајот да го платот македонските даночни обврзници“.
Според првичните процени на македонските пратеници, искажани на неодамнешната собраниска седница, цената на чинење на коридорите што ќе ги гради „Бехтел и Енка“ се проценува на 1,7 милијарда евра, но може да биде и зголемена со дополнителни анекси. Поучени од претходните искуствата, од Косово и Албанија, сосема и извесно дека крајната сума ќе биде многу повисока, а тоа се пари што Македонија ги нема или, пак, скапо ќе ги плати.
Првиот вицепремиер Артан Груби, кој е на чело на Комитетот за преговори за изградба на овие автопатишта, го оценува проектот како историски и апелира да не се етикетираат фирмите во конзорциумот што треба да врши надзор. И пратениците од владејачката СДСМ го оценуваат овој проект како историски и најголем досега во изминатите 70 години.
Инаку, договорот со „Бехтел и Енка“ е потпишан по закон што пратениците специјално го изгласаа за да се овозможи без тендер. Иако антикорупциската комисија се противеше на ова, Собранието го изгласа законот во јули 2021 година.
Потоа антикорупциската комисија го оспори законот пред Уставниот суд, но судот во декември 2021 г. реши да не поведе постапка, со образложение дека не го повредува владеењето на правото и нема ризик од корупција. Оттогаш, па сѐ до денес има силни реакции во јавноста во однос на целиот овој проект.
Од Центарот за јавни комуникации предупредија дека не постои ниту еден аргумент што би го оправдал ваквото грубо заобиколување на Законот за јавни набавки.
Има сериозни коруптивни ризици доколку процесот се води нетранспарентно низ директни преговори ексклузивно со само една фирма, предупредија оттаму.
Со слични реакции деновиве се огласија и од платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, археолозите, претставници на ИКОНОМОС, Сојузот на синдикатите и други граѓански организации во земјата.
Коридорот 8 е долг 68 километри, со планиран автопат со шест ленти, од Тетово до Гостивар, Кичево, преку Струга до Ќафасан, додека коридорот 10 Д од Прилеп до Битола е долг 40 километри и исто така е предвидено да има шест ленти. Треба да бидат изградени во рок од три години по почнувањето на работите.

[email protected]