Човекот, културата и влогот во сопствената култура

Автор: М-р Александар Јорданоски 

Човекот е единствен на светот по тоа што тој не e само суштество што егзистира во одредено опкружување, ами и учествува во неговото обликување. Со своето тело и дух, тој е истражувач на природата и e сеприсутен, но кој не го наоѓа, туку го создава својот дом на секој континент.
Животните при еволутивниот процес создале совршен систем на приспособување кон животната средина. Тие во тој систем се вклопуваат како еден запченик со друг. Пролетта ја буди хибернацијата кај некои животни и нивниот метаболизам го претвора во живот, пеперутките се однесуваат како листови за да ги излажат своите прогонувачи, камелеонот развил спектар на бои и својата камуфлажа ја усовршил до совршенство, предаторите своите сетила и сила совршено ги искомбинирале. Природата потрошила милиони години на овој развиток.
Но природата не го приспособила човекот на некоја одредена средина. Во споредба со животинскиот свет, тој поседува неразвиена опрема за опстанок, но како парадокс поседува опрема, односно умеење што му овозможило да ги приспособи сите животни средини кон своите потреби. За разлика од сиот жив свет, кој е врзан за одредена околина на егзистирање, единствено човекот не е врзан за околината. Неговите разум, имагинација, остроумност и жилавост му овозможуваат не да се подреди, ами да ја менува и приспособи околината.
Е, токму тој пркос на еволуцијата, таа низа пронајдоци со кои човекот низ вековите ја менува околината прераснува во посебен вид еволуција – не биолошка, ами културна еволуција. Тие блескави секвенци на врвни достигнувања во културата всушност го претставуваат подемот на човекот. За разлика од животните, човекот се разликува по своите творечки таленти. Тој создава планови, изуми, нови откритија со здружување различни таленти. Колку повеќе учи да ги здружува талентите, посложено и непосредно, толку и неговите откритија стануваат поостроумни и продлабочени. Големите достигнувања во науката, технологијата и културата ја изразуваат длабоката врска меѓу човекот и нагорната скала на неговата надреденост. Како илустрација, овде само треба да се присетиме на филозофската проникливост на теоријата на релативитетот. Но кога би се восхитувале на своите успеси, не признавајќи ја нивната минливост, би си создале карикатура од сопственото знаење, бидејќи човековите достигнувања не се музеј на завршени творби.

Секое време има и своја пресвртница, нов начин на гледање и докажување на кохерентноста на светот. Така, секоја култура кога се менува со нова концепција што ја донесува природата или човекот, настојува да го утврди својот визионерски момент. Гледано наназад, тоа што е најинтересно е континуитетот на мислите, кои доаѓаат и си одат од една цивилизација во друга. Средишна точка на тој континуитет се историјата на човековата мисла и откривањето на неговите различни таленти, неговите идеи преточени во создавањето на изворната култура. Тоа е дарбата што природата му ја подарила на човекот и го направила единствен. Тоа што најмногу воодушевува е начинот на кој човековите идеи го изразуваат тоа што во неговата природа во суштина е човечко. Во тој однос човек – природа, односно начинот на обликување на околината, всушност е и раѓањето на човековата култура.
Човековата историја е поделена многу нерамномерно. Прво доаѓа биолошката еволуција, која трае неколку милиони години, наспроти културната историја на човековата цивилизација, која е збиена во околу 12.000 години. Или попластично кажано, на малото црномуресто суштество од Средна Африка му требале околу 2.000.000 години да добие современ облик во ликот на Hopo sapiens, а нему, пак, му биле потребни помалку од 20.000 години да стане обземен истражувач, патник, уметник, читател, визионер, градител. Тоа е всушност културната револуција. Кога еднаш започнала, таа културна револуција се развивала неколкукратно побрзо од биолошката еволуција. Независно дали причина за брзината на развој на културната револуција се климатските промени или борбата за опстанок, нумеричките вредности кажуваат дека културната револуција се развива молскавично брзо наспроти бавниот тек на биолошката еволуција. Оттука ги гледаме и улогата и моќта на културата во животот на човекот.
Но револуциите не ги дигаат судбини, ами луѓе, понекогаш дури и поединци. Но големите револуции во XVIII век биле водени од повеќе мали луѓе, но добро поврзани. Нив ги водело убедувањето дека секој човек е господар на сопствената судбина. Ние денес, културолошки, го живееме токму резултатот од тоа убедување.

* * *
Во сиот овој генерички развој на човековата култура свое место под сонцето си бара и македонската национална култура, како и секоја друга национална култура. Националната култура, пак, е повеќеслојна. Таа во себе содржи три главни компоненти: народна традиција, идентитетски признаци и сознајно себепоимање. Преку овие компоненти културата поминува од спонтано создавање, преку историски развој, до теориско дефинирање. Во однос на македонската култура, исполнети се сите услови на природен и автохтон тек во нејзиниот развој.
Формирањето држава на македонскиот народ по завршувањето на Втората светска војна овозможува системска дескрипција, проучување и промоција на македонската култура. Тоа се прави преку повеќе општествени науки, како: лингвистиката, историјата, историјата на уметноста, археологијата, етнологијата, фолклорот, градителското наследство и споменичкото право. Во овие науки се содржи печатот на колективното постоење. Македонските научници овој период на слободно научно и културолошко творење го имаат ползувано речиси во целост да дадат сеопфатна рамка на клучните маркери, и на идентитетското и на културолошкото постоење на македонскиот народ. Тоа е едниот дел од домашната задача и обврска, да се даде стабилна основа за културолошкото постоење, кое, пак, е основа за натамошна надградба. Вториот дел од домашната задача, пак, е оперативното спроведување на теориската рамка дадена од посочените науки. Тоа се спрoведува преку соодветните органи на државно управување, во прв ред Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство, што би се рекло јавни функции, и мрежата на национални и локални институции, особено од областа на заштитата на културното наследство, што би се рекло стручни работи. И сега доаѓаме до клучниот момент. Во делот на јавните функции се вкрстуваат потребите, идеите, финансиите, човечкиот ресурс и непосредната реализација на проектите и програмите од областа на културата. Во средиштето на тие јавни функции е човечкиот фактор, кој треба да има сеопфатна мисла и широк спектар на знаења и умеења за да се испочитува историската димензија на македонското културолошко постоење и трасирањето на идната надградба.
Токму тука не треба да има импровизации, кои можат да бидат спој на незнаење, привидно знаење, лукративност и потисната лична нереализираност. Моето 20-годишно работно искуство и во делот на стручните работи и во делот на јавните функции го констатира токму ова, и тоа во значителен обем. Тоа е клучниот момент на потфрлање во институционалната рамка кај македонската култура, кое се случува во континуитет. Таа појава не може да се искорени, бидејќи станува збор за човекова природа, но и тоа како може да се минимизира!
Тука ќе наведам неколку примери на пропусти во институционалната комуникација за клучни културолошки и идентитетски маркери што треба да бидат сфатени како превенција за идни несакани дејствувања.

* * *
а) Во 2014 година господинот Гоце Дуртаноски, македонски калиграф, краснописец и предавач на Катедрата за библиски писма и уметност при Летонската христијанска академија, се обрати до Министерството за култура за помош и поддршка за одбележување два значајни јубилеи што ги афирмираат и македонскиот народ и македонскиот јазик во претстојната 2015 година. Во дописот истакнува дека на Универзитетот во градот Тарту, Естонија, кој е основан во 1632 година, германско-естонскиот лингвист Леонард Г. Мазинг (1845 – 1936) ја одбранил првата докторска дисертација за македонскиот јазик на 10.10.1890 година. Во насока на одбележување на овој значаен настан за македонската лингвистика, г. Дуртаноски има поднесено барање за поставување спомен-обележје до Универзитетот во Тарту по повод 125 години од докторската дисертација и 170 години од раѓањето на Мазинг.
Со цел достојно одбележување на јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности во Република Македонија, г. Дуртаноски предлага два настана, и тоа: а) 125 години од првата докторска дисертација за македонскиот јазик „За јазичната процена на МАКЕДОНСКИТЕ СЛОВЕНИ“, Леонард Мазинг, 1890, Санкт Петербург, и б) 325 години од писмото упатено до Македонците од австрискиот цар Леополод I (документ со кој Неговото царско величество ги става под заштита Македонија и македонскиот народ; Виена, април 1690).
Неговиот обид за одбележување на овие два настана бил и до АД „Македонска пошта“ – Биро за филателија, со цел да предложи издавање две поштенски марки по повод двата јубилеја, но и покрај многубројните обиди, од Бирото не добива никаков одговор. Стапувајќи во контакт со Сојузот на македонски филателисти, пак, г. Дуртаноски добива информација дека Бирото при „Македонска пошта“ и не функционира. Затоа, Дуртаноски потоа се обраќа до Министерството за култура, иако има предвид дека барањето за издавање поштенски марки не е упатено до најсоодветна адреса, но сепак бара посредништво и/или заложба за остварување на предлозите од страна на Министерството, имајќи го предвид значењето на јубилејните настани.
Министерството за култура, имајќи го сознанието дека делото „За јазичната процена на МАКЕДОНСКИТЕ СЛОВЕНИ“ од Леонард Мазинг е дигитализирано во рамките на Македонската академија на науките и уметностите, односно Истражувачкиот центар за ареална лингвистика, а која е достапна на веб-локацијата damj.manu.edu.mk, веднаш се обраќа за мислење по однос на важноста на делото на Леонард Мазинг, а наедно и за вториот предлог од г. Дуртаноски, односно 325 години од писмото упатено до Македонците од австрискиот цар Леополод I. Одговор од МАНУ, Министерството за култура никогаш и не доби!
б) Следниот пример е поврзан со „Македонскиот дијалектен атлас – пролегомена“, во издание на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, а издаден во рамките на Годината на македонскиот јазик, 2008 година, со финансиска поддршка на Министерство за образование и наука. Имено, на 22.4.2010 година во МАНУ беше промовиран еден од најобемните трудови на Институтот за македонски јазик врз основа на текст од академикот Божидар Видоески – прво објавување том од „Mакедонскиот дијалектен атлас“. И како што е редот за вакви капитални проекти, МАНУ ги поканува и државниот врв и сродните министри на промоцијата. Никој од поканетите не се појави на промоцијата!
в) Понатаму, на 25.3.2015 година се случи промоцијата на шестиот том од Толковниот речник на македонскиот јазик во Институтот за македонски јазик, финансиран преку редовната Годишна програма за остварување национален интерес во културата на Министерството за култура. И како што е редот, бидејќи станува збор за завршен том од Речникот, Институтот упатува покана и барање до Kабинетот на Министерството за култура со цел да има обраќање од тогашната министерка. Секако, писмената комуникација оди преку лицата одговорни за комуникација со јавноста, а јас во тој период сум лице одговорно и за заштита на културното наследство и македонскиот јазик во истото министерство. Ми беше упатено следново прашање од лицето одговорно за односи со јавноста: „Александар, дојде покана за да се обрати министерката во Институтот за македонски јазик за некој толковен речник. Тоа е важно нешто, или?“ Овде секаков коментар е излишен!
г) Можеби еден од највидливите примери за неискористувањето на законските механизми за заштита на македонските идентитетски обележја е непостапувањето по однос на барањето за формирање комисија за стандардизација на географските имиња во Република Македонија упатено до Министерството за култура од страна на Институтот за македонски јазик (29-14124/1 од 3.12.2009). Во образложението за формирање на ваквата комисија стоеше следново образложение:
„Врз основа на Одлуката за прогласување на духовно културно добро – ’Топонимија на Република Македонија’ за културно наследство од особено значење – поткатегорија исклучително значење од Владата на Република Македонија (бр. 19-4445/16 од 15.9.2009) објавена во („Службен весник на РМ“ бр. 117/09), пропишаниот режим на заштита од прв степен во членот 22 од Правилникот за валоризација, категоризација и ревалоризација на културното наследство („Службен весник на РМ“ бр. 111/05) и предвидената конкретна мерка на заштита во Елаборатот за валоризација, поточно, во делот IV – РЕЖИМ НА ЗАШТИТА, 2. Правилна употреба на доброто [Стандардизација на географските имиња и воведување едношалтерски систем за проверка на веродостојноста (изворната состојба) на топонимите], Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, како овластен субјект за заштита на јазикот и топонимите (Решение бр. 30-1620/3 од 11.3.2005), односно Советот при Институтот, на својата седница одржана на 29.10.2009 година, донесе Одлука за потреба од итно формирање комисија за стандардизација на географските имиња во Република Македонија.“ Иако ова чувствително прашање беше образложено и пред тогашниот државен секретар во Министерството за култура, одговор никогаш и никаков не се ни доби!
Нагласувам дека наведувам примери за пропусти во институционалната комуникација, бидејќи тие се појавуваат и на различни рамништа, и кај различни институции, и кај различни индивидуи, што значи дека квалитативната кохерентност на комуникацијата треба да биде на исклучително високо сознајно ниво. Примери има многу, но тука би запрел со нивното наведување за да не добие текстот дијагностички контекст.

* * *
На крајот, како и што почнав, повторно завршувам со една генеричка констатација, која треба да се подразбере и како реторичко прашање. Има голема промена во расположението на науката во последните децении. Фокусот на вниманието е сменет од физичките кон природните науки. Резултатот на тоа е насочувањето на науката повеќе кон проучување на индивидуалноста. Но заинтересираниот набљудувач едвај е свесен колку е далекосежен ефектот од промената на сликата на човекот што ја обликува науката!

(Авторот е лингвист и експерт за заштита на културно наследство)