Нека дојдат техничкиот премиер Талат Џафери и министерот Бујар Османи во Министерството за внатрешни работи, јас ќе им обезбедам кабини и нека се вклучат во фотографирање на граѓаните за добивање на лични документи, кажа техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски. Неговата изјава уследи по прес-конференцијата на која Џафери упати критика до МВР и порача дека има доволно време за граѓаните да ги заменат личните документи до изборите.
– Ако Талат Џафери е оптимист дека процесот на замена на документите може да се заврши навреме, а исто и министерот за надворешни работи, двајцата заедно нека дојдат во МВР. Јас ќе им обезбедам посебни кабини за да можат да помогнат во процесот на фотографирање – порача Тошковски.
Тој уште еднаш апелираше да се изгласаат измените на Изборниот законик за граѓаните да можат да го остварат своето право на глас и со документите со името „Република Македонија“. Министерот додаде дека МВР го зголемило капацитетот за изработка на пасоши, но оти и натаму се соочува со ограничувања при нивното печатење.