Собирањето на лидерите на албанските политички партии од Македонија од страна на Еди Рама, најавено за утре во Тирана, може да претставува услуга за ДУИ во поглед на можностите за формирање заедничка коалиција на албанскиот блок, но и евентуално покажување на патернитет на албанскиот премиер кон албанскиот фактор во земјава, според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, кој за „Нова Македонија“ даде свое видување за околностите под кои е предвидена средбата.
Албанската агенција „Журнал“ изминатиот викенд јави дека Рама ги поканил лидерите на политичките партии на Албанците од земјава на неформална средба што ќе се одржи. Поканети се лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, на Движењето БЕСА, Билал Касами, на Алтернатива Африм Гаши, како и лидерот на ДПА, Мендух Тачи.
– Меѓу темите за кои би можело да се разговара се уставните измени, евроинтеграциите, дијалогот меѓу Белград и Приштина и ситуацијата на Косово, но може да има и политички калкулации за домашна употреба од страна на Рама, за да покаже одреден патернитет спрема албанските партии од Македонија. Средбата може да претставува и услуга за ДУИ при справувањето со „огнената група“, односно за формирање на коалиција на албанските партии во Македонија, бидејќи ако не бидат заедно со ДУИ, можно е да се обединат против неа – смета Арсовски.
Според последните изјави во медиумите, се очекува претставниците на Алтернатива и на Алијанса за Албанците да присуствуваат на средбата со Рама, но не се очекува таму да биде застапена и БЕСА.
– Веќе е познато дека БЕСА нема да оди на средбата и зазема опозициски правец. Како тоа ќе се одрази зависи од агендата на средбата. Доколку се работи за политички теми, БЕСА може да биде во ќар, но доколку се работи за теми од национален интерес, може да биде во зијан – посочува Арсовски.
Средбата доаѓа во ситуација кога повторно се разгорија превирањата во ДУИ, поврзани со незадоволството на таканаречената „огнена група“.
– Се очекува ситуацијата со „огнената група“ да ескалира додека се игра ваков пинг-понг. Треба да видиме како ќе се одвива бидејќи не е јасно до каде се подготвени да одат. Немаме искуство со вакви ситуации во ДУИ, па не знаеме како продолжи понатаму. Но не гледам дека ќе дојде до деескалација – заклучува Арсовски. М.Ж.