Претседателскиот кандидат на владејачката СДСМ и актуелен претседател на државата, Стево Пендаровски, синоќа призна дека изборниот резултат не е онаков како што тие очекувале, но дека во вториот круг се почнува од почеток.
Според првичните неофицијални резултати на Државната изборна комисија (ДИК) од првиот круг по 80 отсто преброени гласови, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, освои 144.000 гласа повеќе од Пендаровски. Тој кажа дека ваквите бројки се должат на тоа што имало седум кандидати за претседател.
– Веројатно разликата ќе биде околу 130.000 гласа. Очекувавме помалку, но утре е нов ден. Од утре почнуваме со средби со граѓани, кои ги практикуваме досега. Имаше седум кандидати и поради тоа гласовите се поделија на повеќе страни и веројатно некои од кандидатите што отпаднаа зедоа гласови што беа претпоставени. Тргнуваме од почеток и мојата задача ќе биде да го промовирам концептот во кој длабоко верувам, тој концепт на држава што не е изолирана, која е интегрирана во Европа и држава што внатре нема поделби по која било основа – рече Пендаровски.
Тој очекува во вториот круг многу повеќе граѓани да го препознаат концептот што го претставува.
– Нема да правам договор со некој од кандидатите за таканареченото механичко префрлање на гласовите. Ниту во 2014 година ниту во 2019 година не сум правел такво нешто за механички да преземам гласови од кого било. Тоа нема да го правам ни сега, едноставно на сите граѓани ќе им го презентирам мојот концепт – истакна Пендаровски.
Според него, уште пред да почне изборната трка, кондицијата на коалицијата не била на исто ниво како во 2019 година.
– Исто така знаете дека без поддршка од коалиција на политички партии не можете да влезете во изборна трка. Успеав да додадам некаква вредност на коалицискиот потенцијал. Се надевам дека меѓу двата круга и тие ќе успеат да понудат повеќе – нагласи Пендаровски.
Според неофицијалните резултати од гласањето, во вториот круг на претседателските избори ќе одат Силјановска и Пендаровски, а тој ќе се одржи на 8 мај заедно со парламентарните избори. С.Т.