Митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар смета дека не смееме да дозволиме, сега барем во ова време кога сме автокефална црква, некој да нѐ обезличува и треба да дадеме отпор на нашето обезличување и на нашето негирање, како народ и нација
По објавувањето на францускиот модифициран предлог, Македонската православна црква – Охридска архиепископија неколкупати повика на обединување околу националните интереси и нивна заштита. За актуелните состојби со свое видување излезе и митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар. Според г. Петар, Македонците се негирани дека постојат, дека се по род Бугари, но тоа нема да се случи барем додека има последен Македонец што се чувствува Македонец по род, вера, култура и по сѐ што постои. Митрополитот преспанско-пелагониски посочува дека не треба да се срамиме да му кажеме на целиот свет дека ако се зборува за културата, тука нека ја бараат во Македонија. Ако се зборува за историјата, тука е и најраната историја. Ако се зборува за Црквата на Балканот и Европа, прво во Македонија се случило евангелието да биде проповедано во Филипи од апостолот Павел, нагласува митрополитот Петар.
– Затоа ние немаме од што да се срамиме и од што да се плашиме, туку треба достоинствено, искрено и чесно да потврдиме дека не сме народ без корен, не сме Црква од вчера, туку постоиме од многу одамна и нашите корења се длабоки и стари. Па затоа да не дозволиме, сега барем во ова време кога сме автокефална црква, некој да нѐ обезличува. Се надевам дека сето она што денеска се случува, тоа треба да биде на најцивилизиран и најдемократски начин, да дадеме отпор на нашето обезличување и на нашето негирање, како народ и нација – вели митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар. Д.Ст.