Годинава се одбележуваат 60 години од разорниот земјотрес, кој речиси до темел го разруши главниот град на Македонија. Земјотресот од 26 јули 1963 година е една од најкатастрофалните природни непогоди што ги погодила Скопје и Македонија. Старата железничка станица денес е Музеј на Град Скопје и претставува симбол на големиот земјотрес. Стрелките на часовникот на станицата се сопрени во моментот на фаталниот удар во 5.17 часот изутрината, додека градот сѐ уште бил во летен сон. Сеќавањата на овој кобен ден сѐ уште се свежи кај повозрасните скопјани…

СКОПЈЕ ОДБЕЛЕЖУВА 60 ГОДИНИ ОД ЗЕМЈОТРЕСОТ

Скопје се сеќава на еден од најкатастрофалните и најтажни денови во својата историја. Годинава се одбележуваат 60 години од разорниот земјотрес, кој речиси до темел го разруши главниот град на Македонија. Земјотресот од 26 јули 1963 година е една од најкатастрофалните природни непогоди што ги погодила Скопје и Македонија. Силината на земјотресот во 5.17 часот изутрината била девет степени според Меркалиевата скала, односно 6,1 степен според Рихтеровата сеизмичка скала. Потресот траел 20 секунди, а потоа серија помали потреси имало до 5.43 часот.

„СЕ ПОРОДИВ ВО ШАТОР“

Скопскиот земјотрес од 26 јули 1963 година бил почувствуван на простор од околу 50.000 квадратни километри, низ долината на реката Вардар. Од потресот биле урнати 15.800 стана, а оштетени биле 28.000 дома. Под урнатините животот го загубиле 1.070 негови граѓани, а некои од повредените починале подоцна. Повредени биле околу три илјади жители.
Споменот за кобното утро сѐ уште живее во голем број скопјани. Некои од нив спиеле, некои се подготвувале за одмор, трети се подготвувале за принова… Земјотресот сѐ уште предизвикува морници кај оние што му се навраќаат во сеќавањата.
– Бев бремена во последниот месец од бременоста. Кога утрото се случи земјотресот, едвај станав од креветот. Маж ми ми помогна да излезам од дома. Сѐ се тресеше, беше страшно. Куќата ни се сруши бидејќи беше од керпич. До темел. Среќа навреме излеговме, сѐ уште се сеќавам како ни се рушеше малото куќиче во кое живеевме. По само две недели од земјотресот, се породив во шатор, бидејќи болниците беа разрушени. Беше свежо, но немавме друга опција. Сите што имавме потреба од болничко сместување бевме сместени во шатори – раскажува Верица Димова.

ЧУДНА ТОПЛИНА СЕ ШИРЕШЕ ТАА НОЌ

Писателот Борче Трајковски го сподели своето сеќавање на земјотресот.
– Јас имав осум години, а сестра ми девет. Деца. Едвај заспавме таа вечер. Возбуда, детски аритмии, трема. Дента со стариот отидовме до железничката да ги подигне картите за утринскиот воз за Риека, а од таму, на брод и правец за Крк. Прво летување на море на семејството Трајковски. Чудна топлина се ширеше таа ноќ. Како да претскажуваше тешко утро. Саклет. Старата ги прегледуваше куферите дали е сѐ на место, јас и сестра ми клекнати околу нив. Ги остави отворени. „Татко ти сабајле ќе ги затвори и одиме на море, ајде сега на спиење“, рече и ги изгасна светилките. Мајка ми станала прва, неколку минути пред 5 часот. Кога излегла надвор пред новоизградената куќа, веќе било 5 и 17 и ужасен вресок – ТОМЕ ДЕЦАТА! Мислам дека од тој врисок се нишаше целата куќа, скалите се поместуваа лево десно, едниот ѕид распука по средина…
Под левата мишка на стариот, јас, за десната рака ја влече сестра ми и чиниш летајќи истрчува надвор, од каде што доаѓаше врисокот на мајка ми. Клекната на земја се држи за неа, плаче и вика. Ме притиска мускулот на татко ми, чинам ќе ме задуши. Прав, врескотници, голи жени и мажи, а бетонската ограда од училиштето „Даме Груев“ се кине како да е од картон. Кога излеговме на пространата полјанка, во познатото чаирско Три куќи земјата престана да се тресе. Сите беа испоседнати на полјаната и молчеа. Еден коњ понатаму до нас пасе. Земјотрес, почна да се шепка помеѓу луѓето. „Ќе удри пак“, рече еден маж во куси гаќи, боксерки. Едвај се тргнав од стисокот на стариот. Продолжи да ме стега, иако веќе сите бевме на сигурно. Коњот се крена на две и почна гласно да њиха. И ете го. Чиниш длабоко од под земјата, во стампедо трчаат огромни бизони и доаѓаат кон површината, кон нас. Ги поместуваат подземните карпи и спилестите плочи, произведувајќи морничав звук. Прво звук. Тежок, мрачен, страшен, лош звук, како подземно ехо од огромен ѕвер што се бори да излезе на површината. И тресење. Повторно вресоци од жените, збунетост на беспомошните мажи, повторно силно стегање од мускулите на татко ми. И траеше. Мислиш никогаш нема да престане. Над Скопје, ведрото небо го прекрија густи облаци од прав. Тој беше, проклетиот, катастрофалниот…
Вечерта, јас мајка ми и сестра ми, со воз, заминавме за Нишка Бања. Картите за Риека, можеби беа пресудни за да се извлечеме живи во прегратките на татко ми, кој веќе се миел во новата бања и кај и да е, требало да не разбуди. Ѕидот до детските кревети, онаму каде што спиевме јас и сестра ми, беше паднат врз нив. Среќа во несреќа, повторуваше мајка ми држејќи нѐ во прегратка, додека патувавме со возот. Стариот остана да помага во урнатото Скопје. Многу деца плачеа, на многу жени косите сѐ уште им беа полни со прав. „Како е во Скопје“, тивко во ноќта прашуваа луѓето од возот на другата пруга, кој патуваше кон Скопје. На некои станици чекавме со часови. Оние возови, полни со здрави мажи и жени, кои одеа да му помогнат на градот имаа предност. Чиниш сите возови од СФРЈ таа ноќ одеа кон Скопје. Страшно!, беше единствениот одговор од оваа страна… И беше…
Да не се повтори, никогаш… Никаде… – раскажа тој. Д.Т.З.