EX FORTI DULCEDO, 3

Потомок на добро ситуирано благородничко семејство, тој уште од младоста бил назначуван на моќни општествени позиции, па двапати, во 1564-та и 1571-та бил избран за конзерватор (Conservatore), највисока граѓанска функција, по урнек на конзулите во античкиот Рим, кои се грижеле да го чуваат законот во градот, но и неговите споменици и претставителни градби. Кога се запознал со Микеланџело, на почетокот на новата 1533-та, Томазо бил многу млад, тринаесет-петнаесетгодишник, сѐ уште далеку од достоинствените општествени функции. Но по својот изглед веќе се одвојувал од врсниците, па со годините, кога таа ретка надворешна убост се здружила со отмените, љубезни манири и восхитот кон творештвото, Микеланџело станувал сѐ помаѓепсан. Нивната долгогодишна приврзаност како своевиден машки пандан на уметниковиот однос кон Виторија, ќе го инспирира славниот уметник, веќе во подоцнежна возраст, да се подмлади, да го поттикне младешкиот духовен занес, да ја освежи, на суптилен начин, сопствената душа. Во таа смисла, зарем не се чинат по малку и злобни забелешките дека високата социјална позиција на Томазо попречила нивното длабоко пријателство да премине во сексуална врска?! Двете љубови кон Виторија и Томазо се сплотени во еден постплатонистички идеал на физичкото и духовното единство. Две совршени постоења, на една жена и на еден младич, во истиот возрасен период на Микеланџеловиот живот, што не може да се спореди со ништо слично претходно! „Целиот живот на Микеланџело беше долготрајна драма токму затоа што тој претерано се издвојуваше од луѓето, па не можеше да биде со нив во душевна врска, и затоа што за него, што е сам човек, значеше премногу, за да може да ја прифати човечката инфериорност и да се помири со човечката нискост“, пренагласено пишува Ели Фор. Што, сепак, со добра доза вистина, може да важи до соочувањата на Микеланџело со Виторија и Томазо, кога патиштата за „душевна врска“ ширум се отворија. И цртежот, портрет на Виторија, како и оние четирите подарени на Томазо, се доказ за таа фасцинантна приврзаност на големиот уметник кон отелотворувањата на идеалот. Нацртани миговно, со постапка што и денес дејствува современо, како сцени од мајсторски стрип, но, што е поважно, со јасно сознание за меѓусебната сродност и привлечност.

(продолжува)