Најдобра потврда дека работите се движат чекор по чекор во насока на територијално припојување, колку некој тука да се обидува оваа констатација да ја направи и гротескна, се всушност потезите што последните години ги влече Бугарија: заедничка историја и инсистирање за заедничко чествување личности и датуми (од македонската национална историја), скандалозно отворање на таканаречените културни клубови и здруженија, шовинистички изјави на носители на високи функции од Бугарија со територијални претензии и изедначување на двата народа… Во ваква функција, нашите соговорници исто така ја истакнуваат засилената бугарска пропаганда на терен, особено во рамките на некогашните граници во кои се протегала санстефанска Бугарија, за полесно подоцнежно интегрирање на македонската територија во бугарски рамки…
Поранешни дипломати ги потврдуваат намерите на повеќедецениската политика на Бугарија
Поранешни бугарски дипломати, професори и редица други интелектуалци во последно време многу поотворено дискутираат за долгорочните стремежи и стратегии инкорпорирани во бугарската политика кон Македонија, демистифицирајќи ги скриените намери на официјална Софија кон земјава.
Она што може јасно да се констатира од нивните согледувања е дека бугарската страна никогаш нема да признае постоење на македонски народ што говори посебен јазик, има своја историја и култура различни од бугарската, туку намерата им е Македонија да ја перципираат и да ја третираат само како преоден државен ентитет што во некое скоро време треба да се интегрира во рамките на бугарската држава.
Кога ќе се изземе прифаќањето на посебноста на народот и сите негови атрибути што го прават народ, тогаш, како што наведуваат бугарските согледувачи на македонско-бугарските релации што сега се надвор од тие активни кругови на некакво политичко влијание, останува само интересот за Македонија како „територија на кое живее неосвестено бугарско население“.
Најдобра потврда дека работите се движат чекор по чекор во насока на територијално припојување, колку некој тука да се обидува оваа констатација да ја направи и гротескна, се всушност потезите што последните години ги влече Бугарија: заедничка историја и инсистирање за заедничко чествување на личности и датуми (од македонската национална историја), скандалозно отворање на таканаречените културни клубови и здруженија, шовинистички изјави на носители на високи функции од Бугарија со територијални претензии и изедначување на двата народа… Во ваква функција, нашите соговорници исто така ја истакнуваат засилената бугарска пропаганда на терен, особено во рамките на некогашните граници во кои се протегала санстефанска Бугарија, за полесно подоцнежно интегрирање на македонската територија во бугарски рамки…
Тука треба да се бараат и причините за бугарското брзање први да ја признаат независноста на македонската држава, без да се признае постоење на народ, што на некој начин е испраќање порака до сите дека за нив Македонија е веќе означена територија што порано или подоцна ќе биде дел од Бугарија.
Директорот на Институтот за економија и меѓународни односи и поранешен кариерен дипломат во Бугарија, Љубомир Ќучуков, во интервјуто за софискиот весник „24 часа“, директно ги открива бугарските позиции во однос на Македонија, кои се манифестираат со години.
– Ние продолжуваме да ја сметаме Македонија како територија, а не како народ – истакнува Ќучуков, лоцирајќи ја вината на бугарска страна, која со одредени недоветни потези на една администрација ја изгубила сета своја предност и станала изолирана во ЕУ по прашањето за Македонија.
Според него, ваквите бугарски политики кон земјава, односно перципирањето на земјава само како територија, придонело да порасне антибугарското расположение во Македонија.
Она што е важно, тоа е фактот што поранешниот бугарски дипломат со само една реченица целосно ја обелоденува повеќегодишната бугарска стратегија преку наметнување наратив во самото бугарско општество дека Македонија е дел од Бугарија, а Македонците се заблудени Бугари што порано или подоцна треба да се припојат кон матичната држава, да се води стогодишна политика од која ниту една бугарска политичка елита не отстапила.
Бугарскиот историчар и професор Стефан Дечев подолго време апелира официјална Софија да прекине со претензиите кон Македонија, така што ќе ги признае македонскиот јазик и нацијата, со што ќе го тргне од себе сомнежот дека територијата е клучен бугарски интерес и на тој начин ќе придонесе за враќање на довербата меѓу двете земји и двата блиски народа.
– Не случајно нашата позиција не го зема предвид ставот на Скопје, ние треба да погледнеме во сопствениот двор и да ја видиме нашата вина, а другото да ѝ го оставиме на македонската страна. Нашата вина може да ја лоцираме и во општеството и меѓу ставовите на некои политичари што сметаат дека постои заедничка историја на една нација и дека до 1944 година таа е само бугарска. Оваа позиција тешко може да издржи експертиза на сериозната историографија. Заедничката бугарска историја со С. Македонија не е онаква каква што ја сметаат бугарските историчари, тие грешат – смета Дечев.
Сето ова јасно покажува дека вековната политичка стратегија на Бугарија кон Македонија силно се рефлектирала и врз бугарското општество, кое верува дека отстапувањето од цврстата линија кон Македонија е рамно на национално предавство, односно од откажување на Бугарија од нејзините национални интереси и од идејата за враќање на одземени територии.
Некои од бугарските интелектуалци не се согласуваат со ваквата повеќегодишна доктрина на бугарската држава, јасно истапувајќи против политиките на негација на еден народ, неговиот јазик и историја, а признавајќи само територија, што остава впечаток за отворени територијални претензии.
Според нив, проблем е и тоа што во самата Бугарија доминира застарено, романтично и митолошко историографско размислување, кое е светлосни години далеку од европските наративи.