Фото: „Нова Македонија“

Доколку внимателно се анализира, т.н. културен центар „Иван Михајлов“ – Битола се залага за промена на македонскиот устав со внесување на бугарската заедница како конститутивен народ, тврди дека се нарушени човековите и малцинските права на Бугарите во Република Македонија, а истовремено го негира постоењето на македонскиот народ. (?!) Тоа е апсурдна ситуација и во глобални рамки не постои сличен пример: одредена етничка или јазична заедница бара остварување на сопствените права, истовремено негирајќи го постоењето на етничката заедница од која се бараат човековите или малцинските права…

Во име на човековите и малцинските права, поединци и центри од Бугарија поттикнуваат шовинизам и шират говор на омраза

Одредени групации и поединци продолжуваат на најдиректен начин, најчесто преку медиумите и интернет-просторот, да ги навредуваат националните чувства на сите припадници на македонскиот народ. Во изминатиов период, особено се забележливи активностите на т.н. бугарски клуб од Битола, кој е именуван според Иван (Ванчо) Михајлов, контроверзна личност од македонската историја. Според добро упатени во оваа проблематика, споменатиот клуб континуирано преку своите ставови, кои се пласираат во медиумите и социјалните мрежи, го прекршува членот 319 став 1 од Кривичниот законик, односно предизвикува национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост. Од друга страна, постојаното негирање на македонскиот народ и неговите особености се отстапување од Договорот за пријателство и соработка потпишан помеѓу Република Македонија и Република Бугарија, па оттука македонските институции треба да го информираат Брисел, но и да се информира бугарскиот амбасадор во нашата држава, велат нашите соговорници.

Најсвежи примери на провокации, навреди, говор на омраза, шовинизам…

Пред неколку дена, на официјалната страница на т.н. културен центар „Иван Михајлов“ – Битола беше објавена следната содржина: „Таму немаше македонска националност, како што немало досега. И ако Белград и неговите пушки го нападнаа нашиот народ и неговата младина, тие ги нападнаа Бугарите“, искажување на Иван Михајлов. Според добро упатени, бугарскиот клуб од Битола и претходно објавувал слични содржини, како што беше објавата дека „Сите наши семејства од двете страни на вештачката граница се нетрпеливи Македонија да стане дел од нашето европско семејство, затоа што сме повеќе од браќа, а местото на Северна Македонија е таму каде што одамна е мајка Бугарија“.
Оттука личност или личности што го уредуваат профилот на КЦ „Иван Михајлов“ – Битола, а евидентно е дека се блиски до претседателот на споменатиот бугарски клуб, во еден свој неодамнешен пост го напишаа следното: „Отсекогаш сум кажувал дека, станува збор за србомански полицајци во Македонија, избркајте си ја агентурата од Северна Македонија – б.н и пак ќе бидеме пријатели. Ако треба ќе ја финансираме изградбата на 3-4 згради во Баново брдо во Белград, каде што е населбата на полицијата. Да си ги приберат. Ние со Македонците ќе се справиме за 10 години ако тие ѓубриња ги нема. Каде што нема ѓубре-смет има напредок, има здрави и насмени лица на луѓето. Да се замислиме на кажаното од мојот пријател и да се погрижиме да ја исчистиме нашата куќа Македонија од тоа ЃУБРЕ.“

Основано сомнение дека е извршено и кривичното дело „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“

– Неодамнешната објава, како и неколку претходни други објави, на најдиректен начин шират говор на омраза и нетрпеливост, но и иредентизам, бидејќи не се признаваат суверенитетот и интегритетот на македонската држава, односно се повикува на нејзино присоединување кон друга држава – велат нашите соговорници.
Доколку внимателно се анализира, т.н. културен центар „Иван Михајлов“ – Битола се залага за промена на македонскиот устав со внесување на бугарската заедница како конститутивен народ, тврди дека се нарушени човековите и малцинските права на Бугарите во Република Македонија, а истовремено го негира на постоењето на македонскиот народ. (?!)
– Ова е апсурдна ситуација и во глобални рамки не постои сличен пример: одредена етничка или јазична заедница бара остварување на сопствените права, истовремено негирајќи го постоењето на етничката заедница од која се бараат човековите или малцинските права… – велат нашите соговорници.
Овие пројави нанесуваат штета за македонското општество, бидејќи се промовираат омраза и нетрпеливост, а истовремено се нарушуваат политичките односи помеѓу Македонија и Бугарија. Македонските институции мора да преземат одредени дејствија, бидејќи се пропагираат ксенофобија и омраза преку компјутерските системи и преку медиумите.
– Ова кривично дело е именувано „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ (член 394-г) 21, а пропишаната казна е од една до пет години (ст. 1), додека при тешки последици до десет години – велат нашите соговорници, додавајќи дека Брисел и Стразбур најпосле треба жестоко да реагираат.Д.Ст.