Во време кога државата се соочува со сериозна енергетска и економска криза и треба да се носат брзи и ефикасни одлуки, граѓаните со право стравуваат од можноста за нова серија партиски сплеткарења во Собранието, како во минатото
Пратениците во македонското собрание од денеска се враќаат на работа, по едномесечната пауза поради годишните одмори, иако генералниот впечаток што го има јавноста е дека овој собраниски состав буквално како целиот мандат да е на годишен одмор.
Она на што беа сведоци македонските граѓани изминатиот период од работењето на највисоката законодавна институција беа постојани блокади, опструкции, подметнувања, немање кворум, низок степен на парламентарна демократија, погазување на Деловникот за работа и уште мал милион дреболии што наведуваат само на еден единствен заклучок – неефикасна институција.
Впрочем, тоа го потврдија и сите истражувања и анкети, кои јасно покажаа дека граѓаните имаат најмала доверба во Собранието и воопшто не се задоволни од работата на пратениците, но што е уште позагрижувачки, тие не очекуваат дека состојбите ќе се подобрат.
Сето ова говори дека станува збор за една партиски инструирана машинерија, која работи само во интерес на партиите, а никако во интерес на граѓаните, кои сега, во време кога се соочуваат со сериозна енергетска и економска криза, со право стравуваат дека повторно ќе станат заложници на партиски надмудрувања во Собранието.
Овие стравувања се поткрепени од искуствата со пандемијата, кога токму поради партиски пресметки и калкулации Собранието беше блокирано и ниту можеше да прогласи кризна состојба, ниту, пак, навреме да се изгласа финансиска помош за граѓаните и за компаниите.
Но истите тие пратеници максимално се хармонизираа кога требаше да си изгласаат повисоки плати и дневници. Тука немаше ниту блокади, ниту опструкции, ниту некакви процедурални забелешки.
Сега пратениците се враќаат од годишен одмор во време кога на 1 септември стапува во сила кризна состојба во енергетиката, која треба да се продолжува во Собранието на секои 30 дена. Со оглед на сегашната поларизација меѓу власта и опозицијата околу тоа кој е виновен за енергетската криза, тогаш повеќе од извесно е дека ниту прогласувањето на оваа енергетска кризна состојба нема да оди подмачкано, туку Собранието повторно ќе биде јавна сцена на која македонските граѓани којзнае по кој пат ќе сведочат на уште една театарска претстава.
Ако на ова се придодаде и жешката политичка есен што се најавува во контекст на обезбедување доволен број пратеници за изгласување уставни измени за внесување на Бугарите во Уставот и одблокирање на преговорите со ЕУ, тогаш повеќе од јасно е дека Собранието е пред ново продолжение на „претставата“ од 2019 година, кога со „трансфер или, народски кажано, со купување пратеници“ тогашната власт успеа да обезбеди мнозинство за промена на уставното име на државата.
Истото сценарио и сега е на повидок, само што некои од актерите се различни.
Во Собранието треба да расправаат и повеќе комисии, меѓу кои и Комисијата за избори и именувања, која конечно треба да ги предложи тројцата уставни судии. Претседателката на Уставниот суд, Кацарска, во неколку наврати претходно бараше Собранието да ги пополни празните места, бидејќи, за два месеца мандатот ќе му истече дополнително на уште еден.
Според зборовите на Кацарска, ако не се реши проблемот со уставни судии, тогаш Македонија ќе влезе во уставна криза.
Опозицијата продолжува со инсистирање за предвремени парламентарни избори, така што, според нејзините најави, есенва уште повеќе ќе се засили блокадата од страна на опозициските пратеници врз работата на Собранието. Тоа ќе значи блокирани собраниски комисии, необезбедување кворум за собраниските седници, трупање амандмани и уште многу други механизми што им стојат на располагање, а по некоја основа ги овозможува Деловникот.
Кон крајот на годината треба да се гласа и буџетот, а седниците на кои се расправа за распределбата на народните пари последниве години се со исклучително висок ризик, тензични, полни со меѓусебни обвинувања и навреди, на раб на физичка пресметка, така што овој собраниски состав и оваа година најверојатно ќе ја заврши во добропознатиот „театрален стил“.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, според најавите, денеска ќе одржи средба со потпретседателите на парламентот и со координаторите на пратеничките групи, на која треба да се договори динамиката на работа за неделава и периодот што доаѓа.
Засега на веб-страницата на Собранието нема закажани активности, а според најавите од пред одморот може да се очекува да бидат закажани и продолженија на веќе започнати седници. На последната координација со новинарите, претседателот на Собранието за 13 септември ја најави првата нова редовна седница по одморот. С.Т.