Фото: Маја Јаневска-Илиева

Предлогот на Владата по скратена постапка да се донесе законот за амнестија не доби поддршка од Собранието, кое вчера одлучуваше за потребата од негово носење, во текот на утврдувањето на дневниот ред на 129-та седница. Против гласаа 66 пратеници, за беа 17, а тројца се изјаснија како воздржани

Предлог-законот за амнестија, кој во јавноста се стекна со контроверзна перцепција уште од неговото првично објавување, веднаш штом влезе во собраниска процедура, експресно беше отфрлен. Предлогот на Владата по скратена постапка да се донесе законот за амнестија не доби поддршка од Собранието, кое вчера одлучуваше за потребата од негово носење, во текот на утврдувањето на дневниот ред на 129-та седница. Против гласаа 66 пратеници, за беа 17, а тројца се изјаснија како воздржани.
Веќе отфрлениот закон за амнестија беше предложен по скратена постапка од министерот за правда Кренар Лога. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе претходно најави дека ќе го блокира носењето на законот со доставување голем број амандмани, а амандмани најави и СДСМ за да се изземат од амнестирање осудените од предметот „Монструм“.
Предлог-закон за амнестија, според предлагачот – министерот за правда Кренар Лога, беше мотивиран од потребата за намалување на пренатрупаноста на затворите. Но критичарите на оваа амнестија и правните експерти во неа гледаа политички мотивирана идеја, која е на штета на владеење на правото и правната држава.
Универзитетскиот професор по уставно право Светомир Шкариќ во претходната јавна расправа за законот истакна дека со секоја амнестија, а особено со оваа, прешироко се навлегува во судската власт.
– Практично, Собранието преку овој закон игра улога на суд. И тоа суд што суди по кратка постапка. И веројатно без поголема поддршка. Сега имаме парадокс – судски постапки што траат долго време, бидејќи тоа го бара правдата, некои траат и по 10 години, се води сметка обвинетиот да дојде до израз, да го каже своето мислење. Судијата размислува врз основа на докази каква пресуда да донесе.

И одеднаш таа правосилна пресуда законот ја укинува, па дури има намера и да ја избрише. Целиот тој судски труд паѓа во вода. Законодавецот со такви закони го уништува судството – смета професорот Шкариќ, истакнувајќи дека предложениот закон за амнестија не е поради некоја рационалност, туку е од нужда, зашто во затворите нема место за нови криминалци.
Слично размислување искажа и професорот по кривично право, академик Владо Камбовски, кој смета дека носењето закони за амнестија значи упаѓање на Собранието во сферата на казнената политика. Во конкретниот случај, според него, требаше да се преиспита дали аргументите на предлагачите се оправдани.
Амнестијата веројатно нема да го реши целосно проблемот со пренатрупаноста на затворите, сметаше и поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права Маргарита-Цаца Николовска.
– Дека има проблем со затворите, има проблем. Дали со амнестијата ќе се расчисти тоа, не сум баш сигурна целосно. Можеби еден дел ќе се ослободат затворите, но она што е важно е дека државата мора да размислува да овозможи извршувањето на казните да биде на достоинствен и соодветен начин – изјави Цаца Николовска.
Според одредени субјекти, активни на политичката сцена во Македонија, законот за амнестија имаше доминантна политичко-тактичка цел во креирањето нови фактори и состојби во предизборниот период што наближува. Во таквиот политичко-изборен контекст се укажуваше дека овој предлог-закон за амнестија е само втората фаза од договорениот пакет за едно пошироко помилување. Ј.П.