Претседателката Гордана Силјановска-Давкова ќе престојува во посета на Република Полска, по повод одбележувањето на 80-годишнината од ослободувањето на германскиот нацистички концентрационен и логор за истребување Аушвиц-Биркенау, во предградието на Освиенцим, близу Краков.
На комеморацијата, која ќе се одржи во меморијалниот центар и музеј „Аушвиц-Биркенау“ денеска на Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на холокаустот, најавено е присуството на педесетина државни делегации од целиот свет, предводени од шефови на држави и влади, високи владини претставници, како и претставници на меѓународни организации и преживеани лица од логорот.
Во рамките на комеморативниот настан се предвидени поздравни обраќања и сведоштва на преживеаните, по што ќе бидат прочитани молитви, ќе бидат запалени свеќи и ќе им биде оддадена почит на жртвите на холокаустот.
Во логорот Аушвиц, од страна на германските нацисти се убиени околу 1,1 милион луѓе, а во 1945 година од логорот се ослободени околу седум и пол илјади преживеани затвореници.
За време на престојот во Полска, претседателката ќе ги посети Јагелонскиот универзитет во Краков и Лекторатот по македонски јазик при овој универзитет, каде што ќе оствари средба со полски македонисти и слависти.