Илустрација / Фото: Игор Бансколиев

Подобрите услови за живот и поквалитетната здравствена заштита значително придонесоа за продолжување на животниот век на популацијата што во моментов се третира како повозрасна, а тоа, според експертите, доведе и до потребата за редефинирање на старосните граници, но многу повеќе до нужноста за изнаоѓања механизми за повторно воспоставување на нарушениот баланс помеѓу активното и пасивното население

Со продолжувањето на човековиот животен век се релативизираат и границите на старосните групи. Тоа во одредена мера го потврдува и истражувањето на британската организација „Трежур трејлс“, според кое, веќе се смета дека староста започнува дури на 76 години. Подобрите услови за живот и поквалитетната здравствена заштита значително придонесоа за продолжување на животниот век, што, според експертите, доведе и до потребата за редефинирање на старосните граници, но многу повеќе до нужноста за изнаоѓања механизми за повторно воспоставување на нарушениот баланс помеѓу активното и пасивното население.

Интересни информации на „Трежур трејлс“, каква е состојбата во Македонија?

Според споменатото истражување на британската организација „Трежур трејлс“, дури една третина, или 38 отсто од испитаниците од повозрасната група одговориле дека староста е резервирана само за оние со над 80 години, а речиси половина од анкетираните кажале дека во моментот се чувствуваат многу помладо отколку што тоа беа нивните родители на истата возраст. Анкетираните пензионери одат дотаму што тврдат дека нивните 60-ти се нови 40-ти, а многумина од нив додаваат дека имаат повеќе животна енергија од нивните деца. Тајната на нивната виталност, според она како што одговориле, е во дружењето со внуците и во решавањето крстозбори и слични активности, кои им ги подмладуваат мозоците и ја одложуваат староста, иако во заклучоците од истражувањето се споменува и дека станува збор за генерации на кои околностите им биле наклонети и не се трошеле премногу во текот на работниот век.
А за тоа колку оваа слика ја одразува состојбата во Македонија го прашавме поранешниот директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски.
– Тоа е сосема реална слика. Веќе подолг период и ние во Македонија имаме константно намалување на природниот прираст и вештачко одлевање на младиот и работноспособен дел од популацијата, паралелно со продолжувањето на животниот век, што, ако се изземат трендовите поврзани со пандемијата на коронавирусот, доведува до значително стареење на населението така што ние, според сите категоризации, сме навлезени во длабока демографска старост. Јас лично имам над 70 години и на сите им кажувам дека не се чувствувам старо. Стар ќе бидам кога ќе имам 80 години. И тоа е убаво, но лошо е што паралелно со тоа, населението не се подмладува и што го губиме работоспособното население, кое, конечно, треба да ја подмладува популацијата, да го задоволува пазарот на трудот и да го обезбеди функционирањето на системот, кој треба да го издржува сѐ поголемиот број припадници на повозрасната популација – констатира Герасимовски.
Но дилемите ги предизвикуваат и неусогласените категоризации, како и непрецизни евиденции, особено поради фактот што во Македонија, по подолгото време, дури во наредниот месец можат да се очекуваат резултати од септемврискиот попис на населението, а проблемот дополнително го усложнува и големиот удел на неформалната во вкупната економија во државата.
Последните податоци покажуваат дека во нашата земја има околу 330.000 корисници на пензија, додека според податоците на Државниот завод за статистика за третото тримесечје од 2021 година, активното население во Македонија изнесувало 945.158 лица, од кои вработени биле 796.681, а невработени 148. 477 лица. Но проекциите за натамошните движења, иако се претпоставува дека тие, барем од економскиот аспект, ќе бидат неповолни, ќе останат непознати сѐ додека Заводот за статистика не ги објави резултатите од пописот како основа за сите други податоци и предвидувања.

Забрзано стареење на населението, но и доживотен процес заснован
на инклузивен пазар на трудот и одржливо вработување

Иако би било можно да се направат груби пресметки за бројот и структурата на населението според разни државни бази на податоци, сепак, како што објаснуваат упатените, ниту една од нив сама по себе не е целосно веродостојна. Но сосема сигурно, според нив, е дека неповолните тенденции, меѓу кои и забрзаното стареење на населението, дефинитивно, ја погодуваат и економијата.
– Со години, Македонија беше погодена од високи стапки на невработеност, но сега бројот на луѓето без работа се намалува затоа што има сѐ помалку млади луѓе што влегуваат на пазарот на трудот, како и поради емиграцијата. Во последните три години, кусокот на работна сила почнал силно да погодува некои сектори – објасни пред извесно време Силвана Мојсовска од Економскиот институт при УКИМ.
Прогнозите на Обединетите нации се дека до 2050 година едно од шест лица ќе биде на возраст од над 65 години, за разлика од пред неколку години кога едно од 11 лица било на истата возраст. Стареењето на населението е уште поизразено во Европа, каде што според податоците на Евростат во 2018 година едно од пет лица било на оваа возраст, а прогнозите се дека до 2050 година постојано ќе се зголемува бројката на стари лица. Состојбата со стареење на населението е слична и во регионот и во земјава, каде што прогнозите ги влошува и миграцијата на младото работоспособно население.
Како што се зголемува просечната возраст на населението, владите треба да имплементираат политики за да можат да одговорат на потребите и интересите на постарите лица, како домување, вработување, здравство, социјална заштита и други форми на меѓугенерациска солидарност – препорачаа од Обединетите нации.
Во меѓувреме, како едно од решенија за Македонија, беше предложено да се воспостави процесот на таканареченото активно стареење.
– Тоа би бил доживотен процес заснован на инклузивен пазар на трудот и одржливо вработување – објаснија од Организацијата на работодавачите на Македонија.
Но како што и додадоа оттаму, за да се постигне активно стареење, потребни се координирана образовна и трудова политика и реформа на системите за стручно образование и оспособување, вработување лица со намалена способност за работа, подобрување на здравјето и безбедност при работа… Д.М.М.