Фото: Игор Бансколиев

Ако енергетската стратегија тежишно се потпираше врз експлоатацијата на јаглен, кој во земјава станува дефицитарен, вклучувајќи ги водните ресурси, кои со оглед на климатските промени стануваат уште помали, тогаш секој разумен човек би си го поставил прашањето дали се потребни нови алтернативни извори на енергија. Сончевите и ветроцентралите се едни од нив, но ниту оддалеку не ги задоволуваат реалните потреби на македонските граѓани и стопанството, а за новите трендови на нуклеарната енергија треба да се реагира што побрзо и решително. Во вакви услови, повеќе од јасно е дека земјава треба да ги земе предвид сите опции што нудат производство на струја, а една таква суровина за производство на електрична енергија што ја користи целиот свет, а која Македонија ја има во изобилство, е токму сметот

Во време на енергетска криза, светот се свртува кон сите расположливи ресурси

Енергетската криза сериозно ја погоди Македонија, одразувајќи се врз снабдувањето со електрична и топлинска енергија, истовремено предизвикувајќи сериозен удар на стопанството, реалната економија и бизнисите, како и ценовен шок врз буџетот на граѓаните.
Цените на струјата ќе продолжат да растат и во следниот период, а со оглед дека државата во изминатите три децении не успеа да обезбеди енергетска самостојност, ниту, пак, да изгради нови енергетски капацитети, во иднина ќе биде принудена да купува скапа струја од европските берзи, која на крајот повторно стравотно ќе ја погоди националната економија, а и домаќинствата.
Ако енергетската стратегија тежишно се потпираше врз експлоатацијата на јаглен, кој во земјава станува дефицитарен, вклучувајќи ги водните ресурси, кои со оглед на климатските промени стануваат уште помали, тогаш секој разумен човек би си го поставил прашањето дали се потребни нови алтернативни извори на енергија. Сончевите и ветроцентралите се едни од нив, но ниту оддалеку не ги задоволуваат реалните потреби на македонските граѓани и стопанството, а за новите трендови на нуклеарната енергија треба да се реагира што побрзо и решително.
Во вакви услови, повеќе од јасно е дека земјава треба да ги земе предвид сите опции што нудат производство на струја, а една таква суровина за производство на електрична енергија што ја користи целиот свет, а која Македонија ја има во изобилство, е токму сметот.

Циркуларна економија

Сите градови во земјава се соочуваат со проблем со депонирањето на сметот, поради што буквално на секој чекор никнуваат диви депонии, кои се закана по здравјето на луѓето, но истовремено ги загадуваат и природната средина, почвата и водите.
Во ситуација кога Македонија има „суфицит од смет“, крајно време е да почне да ги применува европските искуства и да почне да го користи сметот како суровина за производство на струја, по сите стандарди и технологии за заштита на животната средина.
Преработката на сметот и претворањето на ѓубрето во енергија и пари, односно во нешто полезно, бара посебна технологија и знаење, но тоа е неопходен пат што мора да се изоди ако Македонија сака одржлив развој и почиста околина.
Вакво искуство користи Италија, која има постројки за преработка на смет во повеќе делови на земјата, при што истовремено се решава проблемот со складирањето на отпадот, но и се обезбедува електрична енергија за повеќе домаќинства.
Станува збор за едноставен процес, кој најпрво опфаќа собирање на сметот, кој се истовара во една голема јама, каде што операторот селектира отпад што е погоден за согорување во котел, при што настанува пареа што ја движи турбината за производство на електрична енергија.
– Со спалувањето на пристигнатиот отпад, благодарение на парната турбина е можно да се произведе струја што е доволна за потребите на околу 30.000 домаќинства – вели Ливио Русо, директор на постројка за преработка на сметот во енергија лоцирана во близината на италијанскиот град Трст.
Тој додава дека не е секој отпад погоден за горење и производство на струја, притоа појаснувајќи дека остатоците од метал се праќаат на рециклирање, додека пепелот што се добива од спалувањето на сметот се користи за правење патишта, се употребува во фабриките за цемент, па дури и за извоз.
Според луѓето од оваа компанија, подобро отпадот да се претвора во енергија отколку да се остава на депониите, притоа ако целиот процес се одвива според утврдените правила, печките нема да го загадуваат воздухот.
Потврда дека печките за согорување смет и производство на енергија немаат влијание врз квалитетот на воздухот се модерните постројки за производство на енергија од отпад, како што е „Копенхил“ во данскиот главен град Копенхаген. Оваа постројка преработува околу 440.000 тони отпад годишно, го претвора во чиста енергија и снабдува со струја повеќе од 150.000 домаќинства.

Рафајловски: Сметот во земјава може да се искористи како суровина за производство на струја

Енергетските експерти во земјава сметаат дека токму сметот треба да се користи како суровина за производство на електрична енергија, особено во Полошкиот Регион, каде што градовите со децении имаат проблем со депонирањето на отпадот и тој завршува расфрлан по диви депонии.
Универзитетскиот професор Горан Рафајловски смета дека сметот во земјава може да се искористи како суровина за производство на струја.
– Свесни сме колку ѓубре произведува Скопје, колку го има особено во Тетово, па паралелно со тоа може да се направи еден проект во кој ѓубрето ќе се исчисти од градовите, а ќе се користи за производство на електрична и топлинска енергија. Таа ќе биде нешто поскапа, но ќе ја зачува природната околина – вели Рафајловски.
Сличен став имаат и од Центарот за енергетска ефикасност на Македонија (МАЦЕФ), од каде што сметаат дека треба да се користат странските искуства.
– Секако дека може и кај нас да се искористат искуствата од Италија и Данска, но претходно треба да се направи студија за оправданост, за да се одбере оптималниот модел за Македонија. Да напоменам дека ние немаме организирано собирање смет во целата држава (во градовите и во некои села да), т.е. преплавени сме со т.н. диви депонии, на кои непречено и неорганизирано се остава сметот. Исто така немаме собиралишта за градежен отпад, кабаст отпад од домаќинствата (за ова има повремени иницијативи), биоотпадот од земјоделството и градинарството исто така не се собира организирано итн. – вели Јасминка Димитрова-Капац од МАЦЕФ.
Според неа, за да се дојде до некакви резултати, вклучувајќи и за користење на сметот за производство на струја, потребни се подобра организираност во управувањето со сметот и стимулација на граѓаните да го селектираат ѓубрето уште од дома.